Авто Плус на светската премиера на Citroen C4 и e-C4

Citroen денеска ја одржа светската премиера на новата генерација на C4 и електричната варијанта е-C4

Француската компанија уште пред неколку денови ги објави официјалните фотографии од новата генерација на C4 и електричната варијанта e-C4. Сега Citroen ја одржа официјалната премиера на целосно новиот C4 и неговата e-C4 верзија. Редакцијата на Авто Плус имаше ексклузивна можност да биде дел од оваа дигитална светска премиера во живо, заедно со 1.000 автомобилски новинари од целиот свет.

C4 Live premiere

Новата генерација на C4 се одликува со нов и интуитивен дизајн. Она што привлекува најголемо внимание секако е фактот што добива своја целосно електрична верзија. Компактниот хечбек со крос елементи е мошне важен за Citroen, според кого новите C4 и e-C4 ги „исполнуваат сите барања во мошне конкурентниот сегмент, притоа нудејќи модерен и нов дизајнерски концепт со јасен карактер како интегрален дел од продукциската понуда“.

Дизајнот на новата генерација на компактниот хечбек на Citroen се одликува со својата светлосна групација на предниот дел во форма на буквата V. Со тоа се инкорпорираат новите естетски стандарди кај француската компанија кои беа претставени со некои претходни модели. Хаубата се карактеризира со конкавна форма во стилот на C5 Aircross. Предниот браник е со црн мат финиш, ефект за кој од Citroen велат дека додава заштита при мали судири. Лаковите над тркалата исто така се во црна мат боја како и предниот браник, а исто така го нагласуваат и кросовер стајлингот кај новиот автомобил. Опаѓачкиот покрив е дизајниран за подобрување на аеродинамиката на новиот C4.

Citroen C4

„Новиот C4 јасно ја покажува силната еволуција во дизајнот на Citroen, споредено со она што можете да го видите на патиштата денес. Имаме една „течна“ силуета која во комбинација со супер ефикасна аеродинамика на автомобилот дава интересен осврт на возилото. Исто така, го подигнавме автомобилот за да добиеме еден поголем статус. Целата дизајнерска форма станува подинамична и поскулптурна. Со користењето на едноставни и цврсти површини се добива впечаток на помускулест дизајн. Новиот C4 јасно претставува голем чекор напред за Citroen и покажува колку возбудлив Citroen може да биде“, истакна дизајнерскиот шеф Пјер Леклер.

Новите C4 и e-C4, кога станува збор за димензиите, ќе имаат должина од 4.360 милиметри, ширина од 1.800 и висина од 1.525 милиметри. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.670 милиметри. Клиренсот од 156 милиметри, комбиниран со краткиот преден и заден надвиснат дел, е дизајниран да понуди повисока  положба на седење и подобра прегледност во однос на ривалите во класата.

Citroen C4

Инаку, Citroen e-C4 е петтиот електрифициран модел кој е најавен оваа година, како дел од стратегијата на Citroen. Eлектричниот C4 пристигнува по C5 Aircross Hybrid, Ami e-Dispatch и e-SpaceTourer.

Citroen одлучи да ги помеша и спои динамичните визуелности на хечбек со суптилни кросовер детали, што му дава на новиот C4 изглед во форма на кросовер. Ентериерот, од друга страна, пристигнува со модерен изглед. Тука се два големи екрани, управувач со рамно дно и врв, достапен head-up екран, како и Qi подлога за бежично полнење на мобилен телефон. Меѓу останатите карактеристики, тука се и Advanced Comfort седиштата и систем на потпирање со Progressive Hydraulic Cushions.

Внатрешноста исто така се одликува и со 10-инчниот екран од инфозабавниот систем. За разлика од некои други модели, Citroen ги замени контролите за клима-уредот од екранот на допир со физички контроли. Инфо-забавниот систем доаѓа со најновата генерација на навигацискиот систем на Citroen и е компатибилен со Android Auto и Apple CarPlay. Фул HD камера, која може да зачувува фотографии и видеа во мемориската картичка со 16 гигабајти, е вградена во ретровизорот. Новиот C4 исто така нуди 20 додатоци за асистенција на возачот. Меѓу нив се и Highway Driving Assist и полуавтономен систем од второ ниво, кој инкорпорира адаптивна „круз контрола“ и одржување на автомобилот во коловозната лента.

Извршниот директор на Citroen, Винсен Коби, истакна: „Со новите C4 и e-C4, Citroen прави силен камбек во C-Hatch сегментот, голем и важен сегмент во Европа. Експресионирајќи ја целосната ДНК на Citroen преку својот иновативно држење и исклучителен комфорт, овој нов модел им нуди на купувачите избор од 100% електричност, бензински или дизел погон со цел да ги пресретне очекувањата и барањата на што е можно повеќе луѓе“.

Citroen C4 е поставен на CMP модуларната платформа на PSA групацијата, што овозможува употреба на електрични и конвенционални погони. Електричниот e-C4 ќе се напојува со електромотор кој испорачува 136 КС и 260 Nm вртежен момент. Истиот овозможува забрзувањето од нула до „стотка“ да се достигне за 9,7 секунди во Sport режимот на возење, додека максималната брзина изнесува 150 километри на час. Батеријата е со капацитет од 50 kWh, а целата поставка овозможува автономија на движење од 350 километри со едно полнење.

Кога станува збор за полнењето, со користење на јавна полначка станица до 100 kW брз полнач, батеријата до 80 проценти може да се наполни за 30 минути. Во домашни услови, зависно од приклучокот, автомобилот може да се наполни за 7,5 или 5 часа. При полнење на стандарден домашен штекер, полнењето трае и до 24 часа.

Кога станува збор за C4 и конвенционалните мотори, Citroen ќе го понуди својот хечбек со три различни 1,2-литарски трицилиндерски турбо бензински мотори и два четирицилиндрични дизел агрегати. Понудата почнува со базичниот PureTech со 100 КС и шестстепен мануелен менувач. Следува PureTech со 130 КС, исто така со шестстепен мануелец, а истиот мотор се нуди и со осумстепен автоматски менувач. На врвот на понудата е PureTech 155 со осумстепен автоматски менувач. BlueHDi 110 и BlueHDi 130 со автоматски менувач ја „бранат честа“ на дизелските мотори.

Комплетните перформансни детали за бензинските и дизел моторите кои ќе се нудат со новиот C4 допрва треба да бидат објавени. Исто така не е познато дали моделот ќе добие хибриден или plug-in хибриден погон. Веројатно таквите погони ќе следуваат по официјалното лансирање на моделот.

Новиот C4 и e-C4 ќе се појават во продажба на есен. Точните спецификации и цени допрва ќе треба да бидат финализирани.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close