fbpx

Purosangue е само почеток, Ferrari подготвува и два електрични SUV

Италијанскиот производител на спортски суперавтомобили Ferrari полека влегува во SUV сегментот следејќи ги стапките на своите конкуренти

SUV сегментот бележи огромен успех кај сите брендови, поради што и оние производители кои традиционално се насочени кон спортските автомобили навлегоа во овој сегмент. Ferrari долго време одолеваше на сето ова, дури и категорично одбиваше да помисли на такво нешто, но успесите кои ги бележат нивните конкуренти ги натераа да се предомислат.

И додека McLaren останува достоен на своите ставува и одолева на искушението, Ferrari продолжува со развојот на Purosangue, првиот SUV на компанијата од Маранело. Според последните извештаи, автомобилот со кодно име „F175“ ќе пристигне на пазарот кон почетокот на 2022 година, а по него ќе пристигне не еден, туку два дополнителни SUV модели.

Овие модели интерно се познати како F244 и F245 проекти и наводно ќе ја користат истата платформа како Purosangue. Ferrari веќе потврди дека нивниот прв SUV ќе се нуди со хибриден погон, но моделите кои ќе следуваат се верува дека во целост ќе се откажат од моторите на внатрешно согорување. Според CAR Magazine, платформата може да прифати до четири електромотори кои имаа вкупна моќност од 610 КС.

Дополнителни детали за овие два електрични кросовери во моментов нема, но очигледно ќе помине доста време додека да пристигнат на пазарот. F244 се очекува некаде во 2024, додека F245 две години подоцна. Многу работи можат да се променат во следните години, но ниту еден гигант како Ferrari не е имун на се построгите регулативи за емисија на CO2, па електрификацијата секако е неопходен дел од агендата. А со се поголемата побарувачка за SUV модели, италијанскиот бренд може да извлече огромна корист од овој засега непознат пазар за нив кој ќе се комплементира со поставата на спортски автомобили.

Ferrari Purosangue

Ferrari Purosangue

Кога станува збор за Purosangue, пак, се очекува најмоќната верзија да пристигне со V12 мотор со околу 800 КС. При лансирањето ќе биде достапен хибриден 4,0-литарски V8 мотор со вкупна моќност од 700 КС. Според извештаите, моделот ќе нуди доста простор за возачот и тројцата патници, а ќе добие и воздушен систем на потпирање со подесување за висина за поголем клиренс кога ќе има потреба од такво нешто.

Ferrari Purosangue

Интересно, според извештајот Purosangue е дизајниран со таканаречени suicide врати преку отстранување на B-столбовите, нешто налик Mazda MX-30. Сепак, останува да се види дали тоа ќе биде случајот со продукциското возило.

Со пристигнувањето на Ferrari Purosangue листата на автомобилски производители без SUV во својата понуда ќе биде се пократка. Покрај McLaren, останатите брендови кои намерно го игнорираат најпопуларниот стил на каросерија се и Bugatti и Koenigsegg, додека Pagani би можел да направи SUV и седан по 2025 година.

Поврзани вести

Back to top button