Сега е дефинитивнo, крај за Golf во Америка
Иако се претпоставуваше веќе некој период, сега Volkswagen официјално потврди дека бестселерот Golf повеќе нема да се продава во САД
Volkswagen официјално објави дека моделот Golf направен според американски спецификации, повеќе нема да се произведува и продава во САД, откако последните примероци беа произведени минатата недела во фабриката во Пуебла, Мексико. Ова е крај за Golf кој Volkswagen почна да го продава на американско тло во декември 1974 година.
Сепак, иако производството е завршено, во Volkswagen веруваат дека имаат доволно залиха за да ги задоволат барањата до крајот на годината.
Продажбата на Golf оди во надолна линија. Иако компанијата успеа да продаде 68.978 единици во 2017 година, продажбата се соочува со пад секоја година оттогаш. Во 2020 година, Volkswagen успеа да продаде само 25.693 примероци на Golf во Америка, а пред пандемијата беа продадени само 37.393 единици во 2019.
Потпретседателот за производствен маркетинг и стратегија на Volkswagen of America, Хајн Шафер, истакна дека „Преку четири децении, Golf им носеше голема вредност на американските возачи. Претставуваше примерок за она што Volkswagen го прави најдобро – спојувајќи ги динамичните возачки карактеристики со наменско пакување и квалитет без конкуренција“.
Крај за Golf, но не и за GTI и R
Сепак, на сето ова му доаѓа крај, а до крајот на годината Golf ќе се продава во само едно ниво на опременост кое вклучува автоматски предни светла, брисачи со сензори за дожд и 16-инчни тркала. Моделот исто така има и панорамски сончев покрив, безконтактен пристап и ентериер со вештачка кожа.
Но, ова не е крај за германските хечбекови на американскиот пазар. Напротив, Volkswagen ќе продолжи да ги нуди Golf GTI и Golf R од осмата генерација во САД. Тие ќе пристигнат за 2022 моделската година и ќе го продолжат наследството на Golf во новата деценија. Двата модели ќе пристигнат со унапреден стајлинг во внатрешноста и надворешноста, заедно со голема моќност под хаубата. Во Европа, GTI се одликува со моќност од 245 КС и 370 Nm максимален вртежен момент, додека Golf R нуди 319 КС моќност и 420 Nm максимален вртежен момент. Овие бројки би можеле да бидат променети за американскиот пазар.
Од претставувањето на Gоlf во Америка пред 46 години, кој првично беше претставен како Rabbit, компанијата успеа да продаде 2,5 милиони единици во САД. Името Gоlf не го доби се до претставувањето на втората генерација која пристигна во 1985 година. Последен американски Gоlf ќе биде оној од седмата генерација кој е поставен на MQB платформата на Volkswagen.