Peugeot го освежи e-Traveller со нова батериска опција
Peugeot направи ревизија на e-Traveller електричното комби и одлучи да го лансира со нова батериска опција за поголем опсег
Електричното комби на Peugeot, моделот e-Traveller сега пристигнува и со нова батериска опција, а станува збор за 75 kWh единица, која ќе биде додадена во опсегот со веќе постоечката и стандардна 50 kWh батерија. Благодарение на новата батерија, e-Traveller ќе може да помине до 322 километри според WLTP2 стандардот, што е за 95 километри повеќе од претходно.
Моќноста и понатаму се испорачува од малиот електромотор кој нуди 136 КС и 260 Nm максимален вртежен момент. 50 kWh верзијата на e-Traveller може да забрза до „стотка“ за скромни 13,1 секунда и има 130 километри на час електронски ограничена брзина, а би требало да има исти перформанси со новата батериска опција која е поставена во подот.
Од визуелна гледна точка, ништо не е променето кај новата опција на e-Traveller во однос на помалата верзија, со оглед на тоа дека се уште се одликува со ексклузивниот дизајн на решетката, „e-Traveller“ монограмот на задниот дел, специјални логоа со „лавчето“ на двете страни и полначки порт на левото предно крило.
Купувачите кои ќе се одлучат за новата верзија ќе добијат и дополнителни додатоци како што е head-up екранот, инфозабавен систем со ексклузивна графика и TomTom 3D сателитска навигација, селектор за возачки режими кои ќе им овозможи на корисниците да бираат меѓу Eco, Normal и Power, електрична паркинг сопирачка и така натаму.
Peugeot e-Traveller веќе е достапен во Германија каде се нуди во две нивоа на опременост наречени Active и Allure. Цената за 50 kWh батерискиот модел стартува од 55.900 евра, односно 63.150, додека за новата 75 kWh опција купувачите ќе мораат да платат најмалку 61.900, односно 69.160 евра.