fbpx

Официјално претставен DS 4 премиум хечбекот

Премиум хечбекот DS 4 официјално ја доживеа својата премиера, а добива и Cross верзија со SUV стилски елементи, како и спортски Performance Line

DS Automobiles е креиран во 2009 година како луксузен подбренд на Citroen, пред да еволуира и да стане самостојна марка во 2015 година. Во поставата се вклучени DS 3 Crossback и DS 7 Crossback SUV моделите, заедно со DS 9 премиум седанот. Но, од денеска портфолиото на брендот се проширува со DS 4 компактниот хечбек кој ќе ја пополни празнината која настана со укинувањето на моделот од претходната генерација во 2018 година. Исто како и другите PSA производи лансирани во претходните неколку години, така и новиот премиум хечбек е поставен на EMP 2 платформата која ја споделува со најновиот Citroen C4.

Автомобилот сега делува далеку пософистицирано во однос на својот претходник и се одликува со храбар светлосен потпис како што може и да се очекува од PSA моделите. На предниот дел се наоѓаат Matrix LED светлата, комплетирани со импозантен сет на дневни светла. „Скриените“ рачки на задните врати од стариот DS 4 сега се заменети со елегантни рачки на извлекување.

Новиот хечбек е подолг и поширок во однос на претходниот DS 4 и сега неговата должина изнесува 4,4 метри и е широк 1,83 метри, додека покривната линија сега е спуштена на 1,47 метри. Купувачите ќе можат да го добијат со 20-инчни тркала, а овие кои се на фотографиите имаат аеро инсерти кои ги имитираат оние на DS Aero Sport Lounge концептот.

Богата опрема и врвна завршна обработка

Купувачите исто така ќе можат да бираат и од широкиот спектар на моторни опции, вклучително и бензинските PureTech со 130, 180 и 225 КС моќност, заедно со BlueHDi дизелот со 130 КС. Сите тие доаѓаат ексклузивно во комбинација со осумстепена автоматска трансмисија, а истото се однесува и на plug-in хибридниот модел, кој пак, комбинира четирицилиндерски мотор со 180 КС моќност со електромотор со 110 КС, за вкупна моќност од 225 КС на целата поставка. PHEV верзијата ќе има и респектабилен опсег на движење користејќи исклучиво електрична енергија од повеќе од 50 километри според WLTP циклусот.

DS Automobiles го разви новиот модел во три различни варијанти, со оглед на тоа дека регуларниот модел е придружуван од страна на DS 4 Crossback кој има SUV елементи и спортскиот DS 4 Performance Line. Елегантниот ентериер пристигнува во повеќе конфигурации зависно од верзијата, со Алкантара и Nappa кожа во речиси целата внатрешност.

Листата на додатоци е навистина подолга, вклучително и Focal аудио систем од 690 вати, па се до вграден прочистувач на воздух. Тука е и проширената реалност за head-up екранот од вртоглави 21 инчи, додека полуавтономниот возачки систем од второ ниво е наследен од другите модели кои ги нуди францускиот луксузен бренд.

DS 4 ќе се најде во продажба во Европа и останатите пазари каде што луксузниот бренд е достапен од последниот квартал на 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button