fbpx

Претставен новиот Peugeot 308

Peugeot ја претстави новата генерација на моделот 308, кој ќе влезе во продажба во Европа и на останатите меѓународни пазари кон крајот на оваа година

Новата генерација на Peugeot 308 со себе носи неколку промени, а највидливата е новото лого кое неодамна беше претставено. Покрај спортскиот стајлинг, треба да се напоменат и електрифицираните погони. Автомобилот е поставен на третата генерација на EMP2 платформата на Stellantis, со што меѓуосовинското растојание е пораснато за 55 милиметри во однос на претходно. Со новиот дизајн, Peugeot успеа да ја намали неговата должина за 20 милиметри со цел да добие една поинаква силуета.

Peugeot со новиот 308, но и со останатите свои модели, ја задржува тенденцијата да преземе дел од купувачите од премиум класата. Токму затоа новата генерација на Peugeot 308 прави голем чекор напред кога станува збор за употребените материјали во внатрешноста, а истото се однесува и на технолошки план.

Peugeot 308

Впечатлив дизајн

Кога станува збор за дизајнот на екстериерот, забележливо е дека новиот 308 драстично се разликува од својот претходник и без дилеми станува збор за впечатлив модел. Новиот 308 има и поинакви димензии, а и формите се значително изменети. Новата генерација е долга 4.367 милиметри, широка 1.852 и висока 1.441 милиметри.

Покрај новото лого кое е поставено на средина од големата решетка, забележливи се и тенките предни светлосни групи, а благодарение на подолгата хауба од претходно, 308 добива еден посебен шмек. Задниот дел потсетува на она што веќе можеме да го забележиме кај Peugeot 208, а светлосните групи се споени со црн панел, што делува како навистина елегантно решение.

Peugeot 308

Драстично променет ентериер

Сите варијанти на новиот 308 ќе пристигнат стандардни со LED фарови комплементирани од препознатливите предни LED дневни светла. Фаровите се одликуваат со Peugeot Matrix LED технологија во GT и GT Premium варијантите на 308. На задниот дел се наоѓаат LED светлата со препознатливиот светлосен потпис на компанијата и трите канџи, кои добиваат нешто поинаков дизајн во однос на она што досега го гледаме кај моделите на Peugeot. Купувачите ќе можат да го добијат новиот 308 во Olivine Green, Bianca White, Cumulus Grey, Nera Black, Pearlescent White, Vertigo Blue и Elixir Red боја.

Во однос на претходната генерација, драстично е променет и ентериерот, a i-Cockpit секако е составен дел од новата генерација. Но, и тука има промени, со оглед на тоа дека централниот екран е поставен во средината на централната конзола, за разлика од она што е видливо кај другите модели на француската марка. Поставката со два екрани ќе биде стандардна кај новиот 308, а одлично решение е што Peugeot реши да ги задржи физичките контроли.

Peugeot 308

I-Cockpit дизајнот на Peugeot и вклучува 10-инчен дигитален инструмент кластер кој има 3D карактеристики во GT моделите. Тука е и 10-инчниот инфозабавен екран, кој има и команди со целосно конфигурирање позиционирани веднаш до централниот екран, а веднаш над истиот се редизајнираните отвори за воздух.

Новиот Peugeot i-Connect инфозабавен софтвер пристигнува со 308 и овозможува осум различни возачки профили, а нуди и бежична „screen mirror“ функција. Капацитетот на багажникот е нешто помал во однос на моделот кој е во заминување и изнесува 412 литри, додека PHEV верзиите имаат само 361 литар.

Напредна технологија и plug-in хибридни верзии

Автомобилот пристигнува опремен со секаков вид на системи за безбедност и асистенција на возачот. Кон крајот на годината ќе биде понуден со Drive Assist пакетот кој додава адаптивен темпомат со Stop and Go, асистенција за одржување на коловозна лента, полуавтоматско менување на лентите, препорачување на антиципирана брзина и Curve Speed Adaptation. Меѓу останатите карактеристики кои се нудат како стандардни или опционални се нудат и мониторирањето на слепа точка, 180-степена задна камера со висока резолуција, 360-степена паркинг асистенција со четири камери, греење на предното стакло и управувачот и ред други работи.

Peugeot 308

Peugeot ќе го нуди новиот 308 со две plug-in хибридни опции. Базичниот модел е Hybrid 180 e-EAT8 варијантата која комбинира 1,6-литарски PureTech мотор со 150 КС и 81 kW електромотор, за вкупна моќност од 180 КС и 360 Nm вртежен момент и нуди 60 километри чисто електрично возење според WLTP циклусот. Помоќната верзија е 225 е-EAT8 чиј стандарден бензински мотор нуди 180 КС во комбинација со 81 kW електромотор, за вкупна моќност од 225 КС и 360 Nm и 59 километри на 100-процентно електрично возење. Двете варијанти користат 12,4 kWh литиум-јонска батерија, a за полнење во домашни услови потребни се седум часа. PHEV верзиите пристигнуваат со осумстепен автоматски менувач.

Новиот 308 исто така ќе се нуди и со 1,2-литарски PureTech 130 бензински мотор и 1,5-литарски BlueHDi 130 дизел агрегат. Бензинскиот мотор ќе има две ниво на моќност од 110 и 130 КС, додека дизелот ќе има само 130 КС, а зависно од потребите, двата доаѓаат во комбинација со шестстепен мануелец или осумстепен автоматик.

Peugeot 308

Купувачите ќе можат да го купат новиот 308 кон крајот на годината, а деталите околу цените не се откриени.

Поврзани вести

Back to top button