Peugeot почнува нова ера, претставенo новото лого на компанијата

Францускиот производител на специјален дигитален настан го претстави својот нов бренд идентитет, со што Peugeot влегува во една нова ера

Возбудливи времиња за Peugeot, со оглед на тоа дека францускиот производител е еден од глобалните лидер кога станува збор за електрификацијата, а притоа сака да заземе и едно повисоко место на пазарот. Со основањето на Stellantis, Peugeot ја презема улогата на поистакната мејнстрим марка во рамките на новиот производител. А со цел подобро да го рефлектира овој потег, Peugeot го претстави своето ново лого и новиот бренд идентитет.

 

Промената на бренд идентитетот на француската марка Peugeot се најавуваше веќе некое време, а сега истата и официјално пристигна. Француската компанија на специјален дигитален настан го запозна светот со својот нов идентитет, со што Peugeot влегува во една нова ера во своето постење, продолжувајќи го трендот во последните години со претставување на новини и иновации во светот на автомобилската индустрија.

Новото и унапредено лого го претставува новиот визуелен идентитет за Peugeot, со фокус на минимализмот и поголема елеганција. Сепак, компанијата нема да се префрли на таканаречениот „рамен дизајн“ кој станува тренд кај новите брендови, туку ја истакнува својата филозофија преку својот дизајн, притоа придвижувани од својата пасија кон еден креативен пристап со што Peugeot уште еднаш го докажува својот статус на пионер во автоиндустријата.

 

11-то лого во историјата

Новото лавче на Peugeot го претставува минатото, сегашноста и иднината на брендот. Логото е поставено на штит во кое се наоѓа глава од лав, над кое е испишано името на компанијата во нов и ексклузивен фонт. Ова ново лого на компанијата беше првично претставено на концептниот модел E-Legend, а сега ќе пристигне во сите нови модели на компанијата.

Peugeot лого

Од 1850 година, Peugeot променил 10 различни логоа, а на сите од нив неизоставен дел е лавот. Сега, во својата 11-та изведба, логото се одликува со еден модерен пристап, поголем квалитет и поголема елеганција, а истото е изработено од страна на Peugeot Design Lab. Модерното лого всушност се одликува со ретро дизајн, со оглед на тоа дека француската компанија користеше слично лого во 70-тите години на минатиот век.

Новото лого ќе биде присутно на речиси се што има поврзаност со брендот, почнувајќи со неговата онлајн присутност. Така покрај новото лого, Peugeot го промени својот веб сајт, кој сега содржи и многу подобра и поедноставна „онлајн продавница“, а со својата едноставност, интуитивност, висока визуелизација и динамичност, нуди совршено продажно искуство. Исто така, продажните салони на Peugeot добиваат еден нов, поприроден и повизуелен изглед.

Првиот производ кој ќе го добие новото лого ќе биде новата генерација на Peugeot 308. Моделот беше забележан неколку пати за време на тестирањата, но логото остануваше затскриено. Како и да е, премиерата на компактниот модел е закажана за 18 март, така што нема да чекаме многу за да видиме како новото лого ќе изгледа на автомобилите на француската марка.

Поврзани вести

Back to top button