fbpx

Тест Hyundai Tucson: На висина на задачата

Со новата генерација на Tucson јужнокорејската марка прави сериозен исчекор и го покажува сиот потенцијал и знаење кое го стекнале во последните 15-на години, сметајќи дека во моментов ги има сите потребни состојки со кои може да стане бестселер во сегментот

Неверојатната експанзија на кросовер и SUV модели веќе делува како пандемија. Имуни на тековните случувања не се ниту јужнокорејските авто производители. Еден од најважните нови модели на Hyundai е токму Tucson. Овој модел дебитираше во 2004 година и низ годините го градеше својот имиџ на традиционален и доверлив семеен SUV. Неколку мутации подоцна пред нас е новата, четврта по ред генeрација на популарниот и веќе етаблиран преставник, кој сега ги напаѓа мејнстрим играчите со смел, уникатен стајлинг, многу напредни решенија и модерна лепеза на двигатели.

Hyundai Tucson

Уникатниот изглед доаѓа во сериската опрема

Новата генерација на Hyundai Tucson го носи новиот дизајнерски правец на производителот. Тој не е обликуван со традиционални методи, туку преку геометриски алгоритми произведени со врвна дигитална технологија. Се започнува на предниот дел каде во големата решетка се скриени параметриските дневни светла, единствено видливи кога се вклучени. Во долниот дел, на самиот браник пак е поставен кластерот задолжен за осветлувањето на патот. Неконвенционално, но ефективно изведена стилска вежба која во морето на стереотипни решенија создава футуристичка слика.

Смелиот изглед на предниот се преточува и на задниот дел. Тука повторно вниманието е насочено кон дизајнот на светлосните групи, кои делуваат како раширени крилја поврзани со тенка илуминирана линија. На профилот од автомобилот доминираат остри линии кои се задолжени за динамичниот изглед и севкупниот впечаток на робусност. На горниот дел, пак, е забележлив потегот кој се движи кон С столбот создавајќи илузија за опаѓачка линија која пак треба да го постигне општо посакуваниот ефект на купеовски/спортски дизајн. Одговорните лица успеале да го направат надворешниот изглед на новиот Hyundai Tucson доволно интригантен и свој, што во класата го издвојува од останатите представници.

Смирувачки линии со футуристички дух

Новиот Hyundai Tucson порасна и во внатрешноста, зголемените надворешни димензии и подолгото меѓуоскионо растојание му носат бенефит на кабинскиот комфор. Тука уникатниот дизајн на екстериерот е заменет со далеку посуптилни движења. Користена е т.н. инспирација од водопад што во исто време делува смирувачки и футуристички. Квалитетот на вградените материјали е на завидно ниво, исто како и завршната обработка. Целата кабина одава впечаток на максимален комодитет. Тргнувајќи од предниот дел каде седењето е исклучително комфорно и добро поставено, па се до задните седишта каде има повеќе од доволно простор за сместување на патници чија што висина одстапува од просекот без да допираат со колената во седиштето пред себе или главата да им удира во кровот.

Во целата конфигурација на уредувања инжинерите од Hyundai успеале умешно да го искомбинираат кабинскиот и багажниот простор. Транспортниот дел поседува масивни, речиси 600 литри капацитет и можност за рамен под кога ќе се преклопи задниот ред седишта, што е од голема корист кога се пренесуваат погабаритни предмети. Во поглед на технологијата, корејците користат се што е најново во светот на тоа поле. Традиционалните аналогни мерачи пред возачот се заменети со целосна дигитална инструментација. Истата доаѓа со неколку различни видови на анимации во зависност од модот на работа на возилото што е предходно избран. Големиот инфо-забавен систем со екран од 10.25 инчи е централно позициониран и преку него се командуваат повеќето секундарни функции. Климатизацијата е издвоена под него, но е изведена без физички прекинувачи што можеби е единствената замерка во уредувањето.

Ефикасност која знае да изненади

Моторизацијата кај новиот Tucson во целост се базира на 1.6 литарски агрегати, без разлика дали тие се погонувани од дизелски, бензински или хибриден погон. Во нашиов случај тоа е основниот дизелски мотор кој испорачува 115 КС кон предната оска преку мануелна шестстепена трансмисија. Агрегатот со својата моќност и влечна сила од 280 Nm изненадува со начинот на кој повлекува и го движи 1.5 тони тешкиот Tucson. Лесно се справува и под полно оптеретување, а за цело време не покажува претерана жед. На нашето неколкудневно дружење каде што не бевме претерано внимателни со педалот за забрзување, потрошувачката се движеше во зоната од 8 литри на секои 100 километри. Патем, неговата ревидирана конструкцијата ги исполнува најстрогите еколошки норми и задржува релативно ниско ниво на емисија на штетни гасови.

Hyundai Tucson

Во поглед на перформансите Tucson со основниот дизелски мотор е во рамките на конкурентите. За забрзување од место до 100 км/ч потребни му се 12 секунди, а максималната брзина изнесува 175 км/ч. Со должина од 4,5 метри Tucson одлично се справува во градски услови на користење. Повишениот клиренс и коректно подесеното потпирање делуваат многу ефикасно и речиси да не пренесуваат воопшто од лошите градски подлоги по кои секојдневно се движиме. Крстосувањето на отворен пат го покажува неговото второ лице. Возилото едноставно се претвора во средина каде комфорот е во прв план. Но, ако затреба подвозјето е спремно да покаже дека може да се вози и подинамично по патишта полни со свиоци. Не е спортист во ниту еден случај, но брзиот управувач и балансот уверуваат дека може да донесе повеќе забава одколку што на прва се предпоставува.

Hyundai Tucson

Целосно новиот Tucson се одликува со посебност во надворешниот дизајн, употребата на најнова технологијата, количини на комфор како кај европските модели и управливост за која се смета дека е речиси во ранг со најдобрите. Наведените показатели доволно говорат за намерите на Hyundai и кои се целите на новата генерација на корејскиот бестселер затоа што сега тој е на потребната висина на задачата.

Цена на тестираниот модел: 29.400 евра

Технички податоци за Hyundai Tucson Premium 1.6 CRDi 115 HP

мотор Euro VId TEMP, дизел, четиритактен,четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.598 см3
пречник и од 76,99 x 85,8 мм
степен на компресија 15,9:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 115 KС (85.7 kW) при 4.000 min/-1
макс. вртежен момент 280 Nm при 1.500-2.750 min-1
трансмисија на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/55 R18
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.500 x 1.865 x 1.651 мм
меѓуоскино растојание 2.680 мм
траги (напред/назад) 1.630/1.637 мм
тежина 1.498 кг
максимална тежина 2.105 кг
багажен капацитет 598  литри
резервоар 54 литри
максимална брзина 175 км/ч
забрзување 0-100 km/h 12.1 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,4/5,6/4,8 л/100 км
емисија на CO2 146 г/км

Hyundai Tucson во Македонија

Comfort 1.6 T-GDI 2WD 150HP M6 23.900 евра
Vision 1.6 T-GDI 2WD 180HP 7DCT 30.500 евра
Premium 1.6 T-GDI 4WD 180HP 7DCT 33.700 евра
Ultimate 1.6 T-GDI 4WD 180HP 7DCT 38.800 евра
Comfort 1.6 CRDi 2WD 115HP M6 25.500 евра
Vision 1.6 CRDi 2WD 136HP 7DCT 31.800 евра
Ultimate 1.6 CRDi 4WD 136HP 7DCT 39.900 евра
Vision HEV 1.6 T-GDI 2WD 180HP 6DCT 34.900 евра

Повеќе информации во Мида Гранд Моторс или на тел. (02) 3073 103

 

Конкуренти
Renault Kadjar од 21.990 до 39.690 евра
Peugeot 3008 од 25.910 до 61.520 евра
Volkswagen Tiguan од 39.494 до 52.937 евра
Ford Kuga од 29.000 до 52.500 евра
Mazda CX-5 од 28.480 до 42.980 евра
Toyota RAV4 од 30.190 до 54.390 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button