fbpx

Тест Fiat Tipo Cross: Препознатливост во кросовер пакување

Fiat Tipo мина низ сериозна рестилизација минатата година, а италијанскиот производител реши да чекори онаму каде што успехот е речиси загарантиран. Резултатот е Tipo Cross, новата кросовер каросериска изведба која ќе има задача да влезе во битка во најконкурентниот сегмент на пазарот, а впечаток е дека Fiat навистина има сериозен адут во таа трка за престиж

Развојот на Tipo започна во 2014 година како модел кој Fiat ќе го пласира во Европа, Блискиот Исток и Африка. Tipo за прв пат се појави во 2015 година како седан кога беше прикажан на Салонот во Истанбул каде го понесе името Egea. Истата година управата на италијанскиот производител одлучи новиот автомобил да го понесе името Tipo по историскиот модел од 80-тите години на минатиот век, кој беше препознатлив по својата пространост и економичноста. Во 2016 година да пристигнат хечбек и караван верзијата со кои се прошири семејството, кое доби задача да ги замени Bravo и Linea во C сегментот. Во согласност со своето историско име и традицијата, Tipo успеа да го оправда своето име. Автомобилот забележа одличен успех на европскиот пазар, а следен логичен чекор беше рестилизацијата и воведување на нова верзија во поставата, а тоа е кросовер модел.

Одличен потег на Fiat

Италијанскиот производител го следи европскиот тренд, па со освежувањето на актуелната генерација на Tipo во понудата го внесе моделот Cross, кој треба да ги привлече помладите купувачи со својот робусен, спортски и агресивен изглед, но и да ги задоволи потребите кои купувачите ги гледаат како неопходни. Со Tipo Cross, италијанската компанија добива еден сериозен кандидат во сегментот каде што владее огромна конкуренција.

Tipo Cross

Пред се, Fiat Tipo Cross се наметнува како посебен и поинаков во однос на останатите во семејството на италијанскиот производител, а тоа е постигнато благодарение на модерниот стил и дизајнерските елементи кои го истакуваат кросовер карактерот, во комбинација со новиот ентериер. Може да се забележи дека луѓето во Centro Stile Fiat во Мирафори навистина се потрудиле кога станува збор за изгледот. Првото нешто што ќе го улови погледот кога ќе се погледне екстериерот е новиот дизајн на предните и задните светла кои пристигнуваат со LED технологија, кои покрај зголемувањето на прегледноста, нудат и многу поатрактивен изглед на возилото и придонесуваат за комплетниот впечаток.

Дизајн со кој отскокнува во морето конкуренти

Tipo CrossTipo Cross во однос на обичниот модел има повисока поставеност за четири сантиметри, а неизбежни се и карактеристичните заштитни пластики и покривните носачи кои го нагласуваат кросовер/SUV шармот на возилото. Со освежувањето на Tipo семејството пристигна и новиот беџ, односно логотип на Fiat, а истиот ја краси и предната решетка на Cross, се со цел да не отскокнува од хечбек и седан моделите. Покрај тоа, тука е поагресивна и помодерна предна маска, а предните светла се целосно редизајнирани. Сето ова, во комбинација со 17-инчните тркала буди Fiat успеа да направи визуелен полн погодок.

Со оглед на тоа дека Tipo Cross треба да го задоволи кросовер апетитот на купувачите, очекувани се и нешто подобри „оф роуд“ карактеристики, согласно она колку што може да понуди еден ваков модел. Fiat со новата верзија го продолжува големиот успех кој зачна со Panda Cross, задоволувајќи ја побарувачката на купувачите кои се во потрага по кросовери кои се идеални за градската џунгла, но и надвор до асфалтираните патишта, каде нерамнините прилично успешно ги совладува. Системот на потпирање одлично се снаоѓа и доволно добро ги амортизира ударите за комфорот да остане на високо ниво. Управливоста и агилноста на возилото воопшто не се за потценување, напротив, со малку повеќе труд, Tipo Cross може да биде и изненадувачки забавен за возење, а со City опцијата, управувачот станува уште полесен и е идеален за градски маневрирања.

Пространост и квалитет во ентериерот

Со стапнувањето во внатрешноста добиваме чувство на препознатливост, но и нешто ново. Оваа комбинација е благодарение на задржаниот стил, но и драстично променетиот ентериер. Секако, како што може и да се очекува, пространоста секако неговата посилна страна, а како вистински компактен модел Tipo Cross нуди и релативна удобност за патниците. Со оглед на тоа дека станува збор за крос модел, пристапувањето во самото возило е полесно и поедноставно.

Пред возачот се наоѓа новодизајнираниот мултифункционален управувач, обложен со нова кожа, кој одлично прилега на рацете, а зад истиот е поставен 7-инчниот дигитален инструмент кластер поставен во централниот дел. Централниот 7-инчен екран на допир ги нуди сите најосновни опции кои се потребни во денешно време, засилен со Uconnect системот на Fiat. Позитивна работа е што и покрај дигиталните екрани, како и целиот тренд на сурова дигитализација на кокпитите, Tipo Cross, како и останатите членови на Tipo семејството и по рестилизацијата ги задржуваат физичките команди за најважните функции во автомобилот, кои притоа одлично се комплементираат со новите црни и хромирани инсерти, како и ревидираните материјали со кои е изработена кабината.

Tipo Cross

Амбиентот и ентериерот се нови, а седиштата се одликуваат со штоф кој е ексклузивен дизајн на Tipo Cross. Покрај тоа, тие нудат одлична удобност за патниците, додека возачкото седиште има и прилагодување за лумбалната поддршка. Ниту патниците на задната клупа немаат на што да се пожалат, бидејќи со големото меѓуосовинско растојание, пространоста во задниот дел е една највисоките во класата, што е адут плус за компактниот кросовер. Зад патниците на задната клупа се наоѓа багажникот кој нуди капацитет од 440 литри, што е сосема доволно за потребите на модерните купувачи, а освен тоа, отворот е широк и голем, со што е олеснето и складирањето на поголем товар.

Нов мотор

Со освежувањето на Tipo семејството, во поставата пристигнаа и новите FireFly мотори, а Tipo Cross го доби новиот бензински GSE 1,0-литарскиот турбо трицилиндричен агрегат со 100 КС и 190 Nm максимален вртежен момент, кој пристигнува во комбинација со петстепен мануелен менувач, со што ги исполнува се построгите регулативи. Моќноста се испраќа на предните тркала, додека максималната брзина која може да се достигне е околу 190 километри на час. За спринтот до „стотка“ се потребни 12 секунди, а она на што во Fiat се особено горди е декларираната комбинирана потрошувачка од 5,7 литри.

Tipo Cross

Иако трицилиндричен, агрегатот работи навистина одлично, а реакцијата е соодветна при притискањето на педалата за гас. Иако можеби на моменти знае да зафали шестата брзина, сепак малиот бензинец ги извршува своите задачи без поголеми проблеми, а Fiat особено внимание обрна и на тоа да ги намали вибрациите во ентериерот.

Со Tipo Cross, Fiat дефинитивно покажува дека има свој одговор во најконкурентната класа на пазарот во Европа. Атрактивните цени, докажаните способности и пространоста, во комбинација со новиот мотор и кросовер изведбата ќе направат и онака популарниот Tipo да стане уште попривлечен.

Цена на тестираниот модел: 17.350 евра.

Технички податоци за Fiat Tipo HB 1.0 T3 E6D Final CROSS:

мотор Euro VId Final, бензински, четиритактен, трицилиндерски, сместен напред надолжно
работна зафатнина 999 cm3
пречник и од 70 х 86,5
степен на компресија 10,5:0,4
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, турбо-полнач, директно вбризгување на гориво, компресор, интеркулер
максимална моќ 100 КС при 5.000 min/-1
макс. вртежен момент 190 Nm при 1.500 min/-1
трансмисија на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач
потпирање напред независен Макферсонов систем, назад спирални пружини, торзиона оска
сопирачки напред дискови, назад барабани, ABS, ESP, EBD, TCS
пневматици 215/55 R17
каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4386 х 1802 х 1.556 mm
меѓуоскино растојание 2.638 mm
траги (напред/назад) 1.542 / 1.543
тежина 1.260 кг
максимална тежина 1.760 кг
багажен капацитет 440 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 183 км/ч
забрзување 0-100 km/h 12,2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,7 / 6,6 / 5,4
емисија на CO2 131 g/km

Fiat Tipo во Македонија:

Fiat Tipo HB 1.4 E6D TIPO 13,990 евра
Fiat Tipo HB 1.0 T3 E6D Final TIPO 15.790 евра
Fiat Tipo HB 1.3 Mjet E6D TIPO 16.200 евра
Fiat Tipo HB 1.4 E6D CITY LIFE 15.200 евра
Fiat Tipo HB 1.0 T3 E6D Final CITY LIFE 17.900 евра
Fiat Tipo SW 1.4 E6D TIPO 14.590 евра
Fiat Tipo SW 1.3 Mjet E6D TIPO 16.800 евра
Fiat Tipo HB 1.0 T3 E6D Final CROSS 18.500 евра

Повеќе информации во продажниот салон на Fiat, или на официјалниот веб-сајт.

Конкуренти:

Kia xCeed од 20.500 до 28.900 евра
Ford Focus Active од 23.700 до 33.200 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button