Mercedes ја прошири поставата на EQA со две нови варијанти
Mercedes го претстави електричниот кросовер EQA претходно оваа година, а поставата на моделот веќе се проширува со додавањето на две нови варијанти
EQA 300 4Matic и EQA 350 4Matic се најновите членови на семејството на електричниот кросовер на Mercedes-Benz. Дизајнирани да се најдат над EQA 250, моделите се опремени со два електромотори и систем за погон на сите четири тркала. Двата модели имаат погон кој е пристрасен на задната оска, а моќноста се прилагодува меѓу предната и задната осовина 100 пати во секунда.
Кога станува збор за бројките, Mercedes EQA 300 4Matic има вкупна моќност од 228 КС и 390 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на кросоверот да забрза од нула до „стотка“ за 7,7 секунди, пред да ја достигне електронски ограничената максимална брзина од 160 километри на час.
Очекувано, EQA 350 4Matic се одликува со унапреден погон кој испорачува моќност од 292 КС и 520 Nm вртежен момент. На овој модел за спринтот од 0 до 100 км/ч му се потребни точно шест секунди, додека максималната брзина останува непроменета и истата е ограничена исто така на 160 километри на час.
Двете варијанти се опремени со литиум-јонска батерија која има корисен капацитет од 66,5 kWh. Ова им овозможува на двата кросовери да поминат 493 километри со едно полнење според NEDC циклусот, но опсегот е нешто помал, односно меѓу 400-426 и 409-432 според WLTP циклусот.
Со оглед на премиум позиционирањето, кросоверите доаѓаат опремени со LED предни светла и 18-инчни тркала од лесна легура. Купувачите исто така можат да добијат и спортски управувач обложен со кожа, амбиентално осветлување со 64 бои, GPS навигација и „луксузни седишта“ со четиринасочно подесување на лумбалната поддршка.
Моделите во Германија се достапни за нарачување и цената за EQA 300 4Matic изнесува 53.538, а за EQA 350 4Matic цената е 56.215 евра.