Cupra го откри изгледот на Born во пресрет на премиерата
Шпанскиот перформансен бренд Cupra лансираше тизер видео во кој го откри изгледот на престојниот електричен автомобил Born
Cupra Born, електричниот перформансен модел на шпанската марка, беше најавен со el-Born концептот, а продукцискиот модел ќе ја доживее својата премиера на 25 мај. Според она што може да се забележи од најновото тизер видео, Born ќе изгледа речиси идентично со концептната верзија.
Компанијата не откри голем број детали за својот нов автомобил, но моделот Born е во суштина многу сличен како Volkswagen ID.3, но со Cupra шмек. Како резултат на тоа, електричниот хечбек има поостар дизајн со препознатливите и карактеристични фарови и поагресивен голем отвор за воздух со што се нагласува спортскиот и перформансен карактер.
Профилот на автомобилот е помалку драматичен, но добива поспортски странични прагови, а многу поважно, Cupra го откри изгледот на задниот дел на Born на кој се наоѓаат аголните задни светла и светлечката лента која се протега на цела задна страна.
„Ја нагласивме ширината на автомобилот со хоризонтален светлосен потпис и го искомбиниравме со исклучително нагласен дифузер, кој ја зголемува ефикасноста и аеродинамичноста на возилото. Знаеме дека електрификацијата мора да оди рака под рака со ефикасноста, и во согласност со тоа, тимот успеа да ги искомбинира двете на совршен начин“, изјави дизајнерскиот шеф на Cupra, Хорхе Диез.
Покрај прикажувањето на екстериерот, Cupra објави и неколку фотографии од ентериерот на Born. На една од нив е прикажан текстурираниот трим и бронзените акценти, додека друга ја прикажува централната конзола.
Cupra засега ги чува спецификациите на Вorn електричниот хечбек во тајност, но моделот ќе биде базиран на MEB платформата, а el-Born беше опремен со 77 kWh батерија како и електромотор поставен на задната оска.