Rolls-Royce ja враќа Coachbuilding дивизијата со Boat Tail
Компанијата Rolls-Royce се навраќа на своите корени откако реши повторно да започне со производство на каросерии по нарачка, а прв таков модел е моделот Boat Tail
Британскиот производител на луксузни автомобил, Rolls-Royce, во 2017 година го претстави моделот Sweptail, а сега истакнуваат дека тоа е само „почеток на патешествието“ кое доведе до тоа нивниот Coachbuilding оддел повторно да биде „официјално возобновен“. Дивизијата за изработка на каросерии по нарачка и желба ќе им овозможи на клиентите да одат „преку актуелните ограничувања“ и да истражат „речиси неограничени можности“. Во суштина, се околу специјално направените модели ќе биде уникатно освен погонот и архитектурата.
Првиот ваков модел кој пристигнува е Rolls-Royce Boat Tail, а како што налага самото име, својата инспирација ја влече од наутиката и морето. Станува збор за вистинска „јахта на тркала“, со неколку наутички акценти како што е заобленото предно стакло и прекрасниот двобоен екстериер. Дизајнерите рачно ја офарбале темно сината нијанса на хаубата која се протега до решетката, додека остатокот од каросеријата се одликува со посветла сина боја. Дури и тркалата се во двобојна комбинација на светла и темна сина нијанса.
Покривот е целосно отстранлива платнена крошна која се спојува со задната дрвена „палуба“. Истиот не се отстранува механички, туку мора да се откачи рачно, но има привремен покрив кој се складира во багажникот за непредвидливи промени на времето.
Кабината е обвиена во двобојна сина комбинација за да одговара на екстериерот, а тука е и лакираниот дрвен фурнир на централната конзола која ја имитира задната „палуба“. Инструмент панелот има уникатна плетена текстура позната како Guilloche, која се користи во производството на фин накит и часовници.
Враќање на специјалната изработка на каросерии по нарачка
За развојот на овој проект биле потребни четири години. „Овој модел е роден од желбата да се слави успехот и да се направи долготрајно наследство. Во својата неверојатна реализација, Rolls-Royce Boat Tail претставува клучен момент во историјата на нашата марка и современиот луксузен пеjзаж“, изјави Торстен Милер Отвос, извршниот директор на компанијата.
Кога станува збор за Coachbuilding дивизијата на Rolls-Royce, или изработката на каросерија по нарачка, од компанијата објаснуваат дека во почетните денови на автомобилите, производителите обично правеле готова шасија, а потоа ја испраќале кај специјални каросеристи кои го довршувале автомобилот. До почетокот на 20-тите години на минатиот век, компаниите започнале да прават свои каросерии, но голем број луксузни марки се уште им овозможувале на своите клиенти да си нарачаат готова шасија која потоа можела да биде комплетирана кај специјални каросеристи.
Од Rolls-Royce истакнуваат дека нивната Arcitecture of Luxury е дизајнирана од почеток за да биде соодветна за голем опсег на различни модели. Таа поседува четири фиксирани точки, но раздалеченоста меѓу нив им дава многу можности на дизајнерите и инженерите. Од компанијата истакнуваат дека архитектурата им овозможува да креираат речиси секаква форма на каросеријата која купувачите ќе си ја замислат, додека единствените ограничувања се фундаменталниот дизајн и инженерските барања. Токму на ваков начин настана и Boat Tail.