Трендот на поскапување на горивата продолжува
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на горивата во нашата земја
Според најновата одлука на РКЕ, цените на горивата во нашата земја ќе се зголемат од вечерва на полноќ за 1,15 проценти во однос на оние од минатата недела. Во согласност со методологијата за утврдување на цените, горивата во нашата земја ќе поскапат од половина до еден денар.
Од вечерва на полноќ одново ќе имаме зголемување на цените на горивата, а според одлуката на РКЕ, бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе поскапат за половина денар, додека Еуродизелот поскапува за еден денар.
Ова значи дека од утре, па се до следната недела, Еуросупер БС-95 на бензинските станици ќе се точи по цена од 68,50 денари по литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 70,50 денари, а за истата количина Еуродизел ќе плаќаме по 61,50 денари.
Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување и тоа кај бензинот за 1,377 %, а кај дизелот за 2,116 %.