fbpx

Lancia подготвува три нови модели

Италијанската марка Lancia во моментов во својата понуда има само еден модел кој е достапен во Италија, но тоа наскоро ќе се промени

Со настанувањето на Stellantis групацијата, се менува стратегијата за брендовите кои се дел од четвртиот најголем производител на светот. Една од оние марки кои ќе имаат најголем бенефит од спојувањето на PSA и FCA e Lancia. Италијанскиот бренд во моментов во својата понуда го има единствено Ypsilon моделот кој се продава само на матичниот пазар, а сето тоа треба наскоро да се промени.

Automotive News пренесува дека Lancia ќе претстави три целосно нови модели во периодот меѓу 2024 и 2027. Станува збор за градски автомобил, компактен кросовер и компактен хечбек. Главниот дизајнер на Stellantis, Жан Пјер Плуе ќе биде задолжен за дизајнот на автомобилите, најавувајќи дека ќе креира свеж идентитет за Lancia инспириран од 115-годишната историја на брендот.

Lancia

Според најновите извештаи, Lancia веќе започна развој на целосно нов градски автомобил кој ќе го замени Ypsilon и треба да биде претставен кон средината на 2024 година. Ќе биде базиран на новата верзија на CMP/eCMP платформа која во моментов се користи за Peugeot 208 и 2008, Opel Corsa и Mokka и DS3 Crossback. Ова значи дека моделот ќе биде и првиот целосно електричен автомобил на Lancia, но исто така ќе биде достапен и со бензински и дизел мотор како алтернатива.

Вториот нов модел на Lancia ќе следува во првиот квартал во 2026 година во форма на целосно електричен компактен кросовер. Овој модел ќе биде базиран на STLA Medium платформата која исто така ќе биде основа за неколку идни модели на Stellantis.

Се подготвува и хечбек, но само ако има побарувачка

На крајот тука е и уште еден проект, иако овој се уште нема добиено „зелено светло“. Според шпекулациите, во подготовка е и компактен хечбек кој би можел да го оживее Delta името. Доколку Lancia одреди дека има доволна побарувачка за овој сегмент во иднина, хечбекот ќе биде претставен кон крајот на 2027 година.

Иако сето ова не е се уште официјално, треба да се истакне и дека извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, вети дека Lancia, Alfa Romeo и DS Automobiles ќе добијат 10-годишни инвестиции, а во текот на овој период, трите премиум брендови на групацијата ќе треба да ја дефинираат својата визија, да ги споделуваат трошоците за развој и да докажат дека можат да бидат витални на долг рок.

Поврзани вести

Back to top button