РКЕ со ново намалување на цените на горивата
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука која се однесува на малопродажните цени на горивата во земјава
Цените на горивата повторно поевтинуваат од ноќеска на полноќ. Според најновата одлука на РКЕ и во согласност со нивната методологија за утврдување на цените, во следните седум дена малопродажните цени на горивата се намалуваат за 1,58 проценти во однос на минатата недела.
Преведено во конкретни бројки, ова значи дека бензините Еуросупер БС-98 и Еуросупер БС-95 поевтинуваат за еден денар, додека Еуродизелот ќе се продава за половина денар помалку во однос на изминатите седум дена.
Во согласност со ова, од ноќеска на полноќ Еуросупер БС-95 ќе се точи за 70,50 денари, литар Еуросупер БС-98 ќе чини 72 денари, додека Еуродизелот ќе се продава по цена од 61,50 денари за литар гориво.
Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат намалување и тоа кај бензинот за 3,794 проценти, а кај дизелот за 2,287 проценти.