Toyota го додаде GR Sport во поставата на Yaris
GR Sport опсегот на модели на Toyota го доби својот најнов член, а станува збор за Toyota Yaris GR Sport наменет за европскиот пазар
Во Toyota сигурно имаат причини за задоволство, бидејќи новата генерација на Yaris бележи одлични резултати на европскиот пазар. Со оглед на тоа, а и со цел продажбата да биде уште поубедлива, јапонскиот производител додава уште една варијанта во својата постава. Toyota Yaris GR Sport е најновиот производ за европските купувачи, а продажбата започнува во вториот квартал од 2022 година.
И покрај својот спортски карактер, Yaris GR Sport не треба да се помеша со моделот GR Yaris. За разлика од вториот, кој всушност е хомологациски специјален модел со рели карактеристики и голем број уникатни компоненти, Yaris GR Sport е само унапредена верзија на стандардниот модел.
Првото нешто што се забележува кај овој модел се 18-инчните повеќекраки тркала од лесна легура со црвени акценти кои дополнително ги истакнуваат мускулестите крила на возилото. Останатите промени во однос на базичниот Yaris ги вклучуваат новата „G Motif“ шема на решетката, Gazoo Racing беџовите и редизајнираниот дифузер. На крајот, тука е новата Dynamic Grey боја за екстериерот, која одлично се совпаѓа со двобојниот третман.
Во внатрешноста се наоѓаат неколку GR логоа на управувачот, потпирачите за глава, копчето за стартување и на инструмент кластерот. Тука се и црвените конци на перфорираниот кожен управувач и спортските седишта кои доаѓаат со стандарден материјал на тапацирот или опционалниот Ultrasuede материјал. На крајот, акцентите се финиширани во сребрена боја за попремиум изглед.
Две погонски опции
Toyota Yaris GR Sport може да се добие со 1,5-литарскиот VVT-i бензинскиот мотор кој испорачува 125 КС, или пак 1,5-литарскиот хибриден погон кој испорачува 116 КС. Во првиот случај, моќноста се испраќа на предната оска преку шестстепениот iMT менувач, додека хибридот го добива CVT менувачот.
Верзијата со првиот мотор забрзува од нула до „стотка“ за 9 секунди и има максимална брзина од 180 километри на час. На хибридот му се потребни 9,7 секунди за истото забрзување, пред да достигне максимални 175 километри на час.
Yaris GR Sport со себе носи и уникатна поставка на системот за потпирање и торзионата цврстина на шасијата. Според Toyota, амортизерите се оптимизирани да реагираат побрзо при пониски брзини, истовремено подобрувајќи го времето за респонзивност во управувањето.
Toyota не ги објави цените за Yaris GR Sport, а се очекува истите да бидат откриени следната пролет пред почетокот на продажбата во Европа.