Пад на продажбата во Европа, доминација на Stellantis
Ситуацијата со микрочиповите влијаеше на продажбата на нови возила во ноември, а месецот беше одбележан и од француската доминација во Топ 10 листата
Продажбата на нови автомобили во Европа ја забележа најниската бројка на нови регистрации во ноември во последните три децении со пад од 18 проценти, пред се поради хаотичната ситуација и хроничниот недостаток на микрочипови и полупроводници. Jato Dynamics пренесува дека минатиот месец на Стариот континент биле продадени 855.281 нови автомобили на 25 европски пазари, што е за 18 проценти помалку од минатата година и 29 проценти помалку во однос на ноември 2019.
„Иако автомобилскиот пазар не се опорави целосно од пандемијата, актуелниот проблем не е поради недостатокот на побарувачка, туку поради недостатокот на снабдување. Кога ќе се земе предвид недостигот на микрочипови во комбинација со локалните карантини кои се случуваат во последно време, јасно е дека побарувачката за нови автомобили ќе опадне. Ова одложување ќе може да има две големи последици – првата е дека следната година ќе имаме голем раст на нови регистрации ако кризата со микрочиповите се реши, а втората е дека клиентите ќе почнат да ги адаптираат своите купувачки шеми, одлучувајќи се да ги држат своите актуелни возила на подолг период“, изјави Фелипе Муњоз, глобален аналитичар во Jato Dynamics.
Кога станува збор за продажбата по брендови и групации, Stellantis бележи доминација во Топ 10 со дури пет свои модели. Групацијата Renault има три претставници, а по еден претставник имаат VW Групацијата и еден модел на Hyundai.
Clio на врвот
Но, и покрај тоа што Stellantis има најмногу модели во Топ 10, на чело на колоната се наоѓа Renault Clio со 16.353 испорачани единици во ноември, што е за 13 проценти помалку од претходно. Clio зад себе го остави својот „роднина“ од Романија, Dacia Sandero, кој во текот на минатиот месец собра 16.263 продадени автомобили со раст од проценти. На третото место се најде уште еден француски модел, а станува збор за Peugeot 208 со 16.261 доставен примерок и пад од 6 проценти во споредба со претходната година.
Четвртото место е резервирано за Peugeot 2008 кој бележи раст од 9 проценти, што му овозможи да впише 16.169 регистрации. На петтото место е Volkswagen T-Roc со 15.234 продадени единици и раст од пет проценти.
Fiat 500 ја зазеде високата шеста позиција со раст од два проценти и продадени 13.255 единици, додека зад него е Opel Corsa so 12.831 нови регистрации, како и Citroen C3 со 12.455 продадени модели и раст од пет проценти.
Деветти на оваа листа се најде Hyundai Tucson со 12.408 испорачани единици и неверојатен раст од дури 104 проценти во споредба со минатогодишните резултати, што воедно е и убедливо најголемиот раст во Топ 10. Листата ја комплетира уште еден модел на Dacia, а тоа е Duster кој пристигна до 12.351 купувач, а тоа претставува раст од 3 проценти.
Како што може и да се очекува за Европа, доминираат возилата од B сегментот, без оглед дали станува збор за стандардната или SUV класата. Од друга страна, речиси незапаметено е само еден модел од VW Групацијата да се најде меѓу десетте најдобро пласирани модели според продажбата.
Расте уделот на електрични возила
Jato објави дека продажбата на автомобили со ниска емисија на штетни гасови достигна борјка од 217.709 единици минатиот место, што е 26 проценти од вкупниот број на нови регистрации. Бројката на овие возила е за 41 процент поголем од бројките што ги забележаа дизел моделите.
Tesla Model 3 ја предводи листата на продадени електрични возила за минатиот месец, а по премиум моделот се најдоа и двата нискобуџетни електрични модели Renault Zoe и Dacia Spring.
Кога станува збор за пазарот на plug-in хибридни модели во Европа, најдобри резултати забележа Peugeot 3008, а по него следува Volvo XC40 и Ford Kuga.