Први фотографии од тркачкиот Porsche LMDh прототип
Porsche ги објави првите тизер фотографии од LMDh тркачкиот автомобил кој ќе се натпреварува во IMSA и FIA World Endurance шампионатитe од 2023
Германскиот производител Porsche има сериозни намери да триумфира на 24 часа Ле Ман трката на издржливост во 2023 година, а компанијата е подготвена да влезе во новата највисока класа на Ле Ман наречен Hypercar ниво. За таа цел Porsche го има својот LMDh тркачки автомобил, a сега ги објави и првите фотографии од прототипот. Како што може да се забележи од истите, се уште неименуваниот автомобил ќе изгледа драматично различно во однос на најновиот прототип на Porsche, исклучително успешниот 919 Hybrid.
На задниот дел на возилото се истакнува големата LED светлечка лента која се протега од едниот до другиот крај. Исто така забележливо е големото масивно задно крило, а на двата краја се наоѓаат LED светлата. Тука се и испакнатите сводови над тркалата и масивната аеродинамична перка која минува над капакот за моторот.
Инаку, на Ле Ман постојат две посебни класи во Hypercar нивото на натпреварување. Најпрво, тука е LMH нивото. Тоа е пополнето со автомобили специјално произведени под Ле Ман Hypercar техничките регулативи по кои можат да се натпреваруваат. Второто, LMDh ниво е она во коe Porsche ќе се натпреварува. Според FIA правилата, во LMDh, оние кои ќе се натпреваруваат можат да си ја купат шасијата на тркачкиот автомобил од одобрена листа на снабдувачи. На таа листа се вклучени Dallara, Multimatic, Ligier или Oreca. Спонзорскиот тим мора да ги снабди клучните компоненти. Тука спаѓаат моторот, каросеријата и хибридниот систем кој ќе им овозможи на учесниците да ги намалат трошоците додека се уште го развиваат погонот и аеро технологијата.
Porsche не објави детали околу моќноста на моторот на тркачкиот автомобил. Но, како и сите LMDh тркачки модели, ќе биде ограничен на 670 КС. Тестирањата на патеката на прототипот ќе започнат во 2022 година, а Porsche ќе започне со натпреварувањето во 2023.