Авто Плус ја заокружи 2021 со 34 автомобилски тестови
2021 ја испраќаме во минатото и со раширени раце ја пречекуваме 2022 во која се надеваме дека ќе ни донесе многу повеќе среќа, здравје, љубов и бериќет
Полека минуваат и последните часови од оваа 2021 година, уште една по ред која ќе ја паметиме по пандемијата на коронавирусот и новите соеви кои постојано не демнат од секоја страна. Но, 2021 ќе ја паметиме и по некои добри работи, бидејќи во изминатите 365 дена, редакцијата на Авто Плус имаше полни раце работа.
Покрај манифестацијата „Златно тркало“ и „Авто Плус Street Show“, успеавме да тестираме 34 модели – електрични, со дизел или бензински агрегат и секаков вид на хибриди. Со вредност од 10.000, па се до 150.000 евра вредност и моќност која варира од 75, па се до 750 КС. Во нашата редакција ни „гостуваа“ модели од најголемите брендови во Европа, но и оние кои допрва треба да се етаблираат на Стариот континент. Во портфолиото се најдоа автомобили од марките на Opel, Hyundai, Volkswagen, Seat, Škoda, Toyota, Peugeot, Ford, Renault, Subaru, Citroen, Volvo, Jaguar, SsangYong, Fiat, Alfa Romeo, Jeep, Dacia, Mahindra, Lexus и DFSK. Имаше за секого по нешто.
Догодина уште повеќе, уште подобро
Покрај 34-те теста, Авто Плус имаше и можност да биде дел од Porsche Road Tour 2021, каде во текот на еден викенд нашата редакција доби можност да седне зад управувачот на 12 спортски возила на прославената германска марка. „Ергелата“ беше составена од модели како 911 Turbo S, 911 4S, Cayman S, Boxter S, Macan Turbo, хибридните Panamera 4S E-Hybrid, Panamera Turbo S E-Hybrid, спортските SUV модели Cayenne Coupe GTS, Cayenne Coupe Turbo и Cayenne GTS, а неизбежни беа и целосно електричните Taycan Turbo S и Taycan 4S.
Се надеваме и искрено веруваме дека 2022 ќе ни донесе уште повеќе нови автомобили кои ќе можеме да ги тестираме за Вас, нашите искрени следбеници и фанови, но и сите автомобилски ентузијасти кои знаат да го препознаат квалитетот. Во оваа прилика, редакцијата на Авто Плус сака да Ви посака среќни новогодишни и божиќни празници, заедно со многу среќа и здравје и се надеваме дека во новата 2022 ќе продолжиме со истиот, па и посилен ритам и ќе имаме уште многу нови автомобили на тест и голем број активности со што ќе ги задоволиме очекувањата и ќе ги исполниме стандардите кои Авто Плус ги наметна во изминатите години пред македонската јавност.