fbpx

Aston Martin со тизер го најави најмоќниот луксузен SUV на светот

Британската марка Aston Martin објави нови тизери за новата и помоќна варијанта на својот DBX кој ќе биде најмоќниот луксузен SUV на светот

Во краткото видео кое го објави Aston Martin, под името Change is Coming, се прикажуваат делови од тркалата, каросеријата и ентериерот на новата варијанта на DBX која според британската марка ќе претставува најмоќниот луксузен SUV на светот досега. Покрај ова, Aston Martin откри и како ќе звучи оваа ѕверка, а најважно од се е што го назначи и датумот на премиерата, па новиот модел ќе биде целосно откриен на 1 февруари оваа година.

Описот на видеото гласи: „Промените доаѓаат. Моќта зборува“, а тоа наведува на зголемена моќност на DBX. Стандардниот Aston Martin DBX е опремен со битурбо 4,0-литарски V8 од Mercedes-AMG кој испорачува 550 КС и 700 Nm максимален вртежен момент.

Камуфлираните прототипи на новиот DBX беа забележани на Нирбургринг за време на тестирањата со нешто поизменета каросерија и четири завршетоци на издувниот систем, заедно со шпекулациите околу погонот. Aston Martin би можел да користи помоќна верзија на V8 на AMG, но исто така се најавува и дека моделот би можел да го добие битурбо 5,2-литарскиот V12 агрегат кој испорачува 725 КС кој го има DBS Superleggera.

Со ваков потег, DBX дополнително би се разликувал од своите ривали, со оглед на тоа дека други SUV модели кои се опремени со 12-цилиндрични мотори се Rolls-Royce Cullinan и Bentley Bentayga Speed. Сепак, мали се шансите за V12 агрегат да се најде под хаубата на DBX, а се очекува Aston Martin да користи помоќна верзија на битурбо 4,0-литарскиот V8.

Повеќе информации околу перформансниот SUV на Aѕton Martin би требало да бидат познати во престојните недели во пресрет на премиерата.

Поврзани вести

Back to top button