Mercedes Т-Класа, нов премиум семеен миниван
Mercedes ја претстави новата T-Класа, компактното комбе кое пристигнува во форма на премиум семеен миниван
Mercedes ја претстави новата T-Класа, која претставува попремиум и постилски пристап на Citan комбето кое беше претставено минатата година. Исто како и овој модел, T-Класата ја споделува истата платформа како Renault Kangoo, а ќе биде достапен со конвенционален мотор, како и во целосно електрична верзија (EQT), притоа нудејќи и повисоко ниво на комфор, технологија и безбедност во однос на традиционалните MPV модели базирани на мали комбиња.
На прв поглед, новата T-Класа лесно може да се помеша со Citan Tourer, патничката верзија на Citan. Сепак, кога ќе се погледне поубаво, суптилните дизајнерски промени прават овој модел да биде поблиску со дизајнерскиот јазик на опсегот на возила на Mercedes. Меѓу нив се сетот на опционални 17-инчни тркала, хромираните елементи на решетката, променетиот преден браник и ретровизори во боја на каросеријата.
Елегантна алтернатива за Citan
Сепак, екстериерот е нешто поразличен во однос на EQT концептот кој ќе еволуира во продукцискиот EQT кој ќе пристигне наскоро како електрична варијанта на T-Класата. Судејќи според стратегијата на Mercedes со електричните варијанти, EQT се очекува да добие редизајниран преден и заден дел во однос на T-Класа.
Кога станува збор за конвенционалниот модел, овој миниван е 4,498 милиметри долг, 1.859 милиметри широк и 1.811 милиметри висок, додека меѓуоскиното растојание е поставено на 2,716 милиметри. Овие димензии го поставуваат под поголемата V-Класа во опсегот на Mercedes, додека во блиска иднина производителот ќе нуди и T-Класа со продолжено меѓуоскино растојание и конфигурација со седум седишта.
Пространа кабина со модерни карактеристики
Слично како и екстериерот, така и ентериерот е идентичен со повисоките нивоа на опременост кај Citan Tourer, со таа разлика што T-Класата добива поквалитетна пластика на централната конзола. Моделот добива и постандардни карактеристики во достапните линии, вклучително и MBUX инфозабавниот систем со седум инчен екран на допир и Apple Car Play / Android Auto компатибилност. Пред возачот се наоѓа традиционална инструмент табла, а меѓу инструментите се наоѓа и помал 5,5-инчен екран.
Меѓу карактеристиките кои ги има Mercedes-Benz T-Класа се и далечинските услуги, гласовниот асистент, бесконтактно стартување, амбиентално осветлување, Neotex вештачка кожа и Artico вештачка кожа за тапацирот. Кога станува збор за безбедноста, новата T-Класа пристигнува со седум воздушни перничиња и различни напредни системи за асистенција како што се опционалниот Driving Assistance пакет кој вклучува Active Distance Assist Distronic и асистенција за активно управување.
Висината резултира со пространа кабина за своите компактни димензии, што го прави одличен избор за семејствата, но и за спортските ентузијасти кои сакаат нешто поразлично од мнозинството (SUV модели). Новата T-Класа добива лизгачки врати од двете страни, што овозможува лесен пристап до задната клупа. Багажникот има ниска точка за складирање, а задните седишта можат да се преклопат со што T-Класа се претвора во вистинско комбе. Моделот пристигнува со класична традиционална задна врата, но купувачите можат да изберат и дводелна врата со 180-степено отворање.
Бензински и дизел опции
Mercedes-Benz T-Класа ќе се нуди со мал опсег на четирицилиндрични бензински и дизел мотори. 1,5-литарскиот дизел испорачува 95 КС и 230 Nm кај T160d, односно 116 КС и 260 Nm кај T180d верзијата. За оние кои преферираат бензин, помалиот 1,3-литарски агрегат испорачува 102 КС и 200 Nm (T160). Од друга страна, T180 е најмоќната варијанта со 131 КС и 240 Nm максимален вртежен момент. Сите мотори се во комбинација со стандарден шестстепен мануелец, додека дизелските и помоќните бензински мотори можат да се добијат со опционалниот седумстепен DCT автоматик.
Новата Mercedes-Benz T-Класа ќе има почетна цена под 30.000 евра за базичниот T160 со мануелен менувач на домашниот пазар во Германија.