fbpx

Тест Peugeot 308 Hybrid 180: Сериозен избор…

По нешто помалку од една година во нашата редакција по вторпат пристигнува Peugeot 308 на тест. И постои многу добра причина за такво нешто, а тоа е plug-in хибридната верзија со 180 КС. Во духот на мотото на француската марка – „Моќта на изборот“ – по 308 GT 1.5 HDi, на ред дојде помоќниот и поагилниот 308 Hybrid 180 и – максимално испорача.

Компактниот Peugeot 308 ги освои срцата на голем дел од јавноста, дури и на оние кои не се наклонети кон Французите. Причината е и повеќе од јасна. Со својот дизајн, новата генерација на 308 остава силен впечаток, а одлуката да се заплови во некои попремиум води се испостави како одличен потег за француската марка. Mаркантниот дизајн на надворешноста, врвната финална изработка и најновата технологија вградена во еден од најпопуларните хечбек модели на Стариот континент даваат производ кој со својата софистицираност го одбележува стартот на новата ера за Peugeot. Но, со оглед на тоа дека Peugeot 308 со дизел погон веќе го имавме во нашата редакција на тест, тука повеќе ќе се осврнеме на plug-in хибридниот погон и можностите кои ги нуди електрифицираниот хечбек, а за дизајнот повеќе можете да прочитате ТУКА.

Peugeot беспрекорно ја воведе хибридната моќност на 308 и му даде друга димензија на посакуваност со квалитетна внатрешност за да се спротивстави на оние на некои поквалитетни модели. Позицијата за возење останува непроменета, но се чувствува како најуспешниот влез во семејниот хечбек сектор што го имаме од француската марка по подолго време.

Погон кој овозможува самодоверба

Новиот Peugeot 308 е развиен на модуларната платформа EMP2, која ќе се користи за многу други модели во рамките на групата Stellantis. Покрај тоа што е прилагодлив за сите видови на погони, plug-in хибридната верзија се покажа и како мошне динамична за време на возењето. Францускиот модел комбинира такво удобно чувство со одредена доза на спортска природа.

Во однос на самиот погон, plug-in хибридниот 308 го придвижува 1,6-литарски турбо бензински мотор кој работи со електричен мотор од 81 Kw. Сето ова на крајот резултира со системска моќност од 180 КС. Во понудата има и помоќна верзија, но наше мислење е дека доколку ја изберете оваа нешто послаба варијанта од 180 КС, сигурно нема да зажалите и завидливо да ги гледате оние во помоќниот модел. Пред се, бидејќи станува збор за нијанси. Помоќниот 308 Hybrid 225 достигнува максимална брзина од 235 км/ч, а за спринтот до „стотка“ се потребни 7,6 секунди. А, варијантата PHEV 180, која ние ја имавме на тестирање, има максимална брзина од 225 км/ч и до „стотка“ стигнува за 7,7 секунди до 100 км/ч. Автономијата на чисто електрична енергија изнесува 58 наспроти 59 километри, што значи дека разликата е навистина мала, а 308 Hybrid 180 е одличен и сериозен избор.

58 километри опсег на електрична енергија можеби нема да ви користи при подолго патување, но добро е да знаете дека можете да ги завршите сите дневни потреби без да потрошите децилитар бензин. Се разбира, ако претходно поминете 3 часа на полначот (со користење на посилниот полнач). Во случај да не сакате постојано да барате полнач за да ја надополните батеријата, тогаш сметајте на потрошувачка од 8 до 9 литри во просек.

Врвна технологија која ги исполнува сите очекувања

Новиот 308 Hybrid 180 доаѓа со нова опрема (стандардна или опционална) која обично се наоѓа само во повисоките сегменти: следење на мртва точка на долг дострел (75 метри); предупредување за сообраќајот зад возилото (при возење наназад дава предупредување за опасност во близина); нова камера за возење наназад со висока дефиниција со видно поле од 180 степени, помош при паркирање со видно поле од 360 степени благодарение на 4 камери (предни, задни и странични); отклучување и стартување без клуч (во близина на возилото)…

Во зависност од верзијата, моделот пристигнува со целосен опсег на опрема; системи за помош при возење и опрема за безбедност и удобност: адаптивна контрола на патувањето со функцијата Stop & Go (која доаѓа со автоматскиот менувач EAT8) со адаптивно одржување на растојанието помеѓу возилата; адаптивна контрола на патувањето со функција за сопирање до 30 км/ч достапна со рачен менувач со приспособливо одржување на растојанието помеѓу возилата; автоматско итно сопирање и предупредување за судир; предупредување за ненамерно напуштање од лентата за возење со корекција на патеката; системот за следење на вниманието, кој следи колку возачот е внимателен при долги возења и при брзини од над 65 км/ч, а тоа се постигнува со анализа на микродвижењата на воланот; автоматско вклучување на долгите светла; проширено препознавање на сообраќајните знаци; подвижен покрив со сенка, периметриски и волуметриски аларм и дополнително заклучување на вратите; автоматска електрична сопирачка за паркирање на сите модели.

Спортска и елегантна динамика

Нашиот тест модел, како што веќе напоменавме, под кожата го има погонот 180 e-EAT8, кој комбинира PureTech мотор од 150 КС и електричен мотор од 81 kW напред, поврзан со 8-брзински електрифициран автоматски менувач e-EAT8 кој ги придвижува предните две тркала.

Првиот впечаток од возењето на хибридното издание е дека се работи за екстремно брз и практично тивок модел. Инженерите на Peugeot ни препорачуваат да возиме во хибриден режим за да постигнеме добитна комбинација на перформанси и потрошувачка. Новиот Peugeot 308, со примерно држење на патот, зрачи со супериорна удобност при возењето, големо задоволство и совршено управување во градот, со радиус на вртење помеѓу рабниците од 10,5 m. Секој 308, без разлика на моторот, е прецизен и стабилен дури и во најбрзите свиоци. Ги чувствувате неговите димензии и непрекинато се пробивате во секој слободен простор на патот.

Што се однесува до самата динамика на возење, тогаш тука нема никакви забелешки, и покрај тоа што 308 со себе влече тежина од над 1.600 килограми. Ова може да се почувствува само при посериозно спортско возење, но дури и тогаш соодносот помеѓу однесувањето на патот и удобноста е одличен!

Одлична комбинација

Технички гледано, четирицилиндричниот бензински мотор PureTech има волумен од 1598 cm3, а неговиот максимален вртежен момент е 250 Nm при 1750 вртежи во минута. Во електричен режим, максималната брзина е 135 километри на час. Peugeot 308 Hybrid 180 стартува и се движи тивко, на батерии. По стартувањето забележливо е дека автомобилот одлично „повлекува“ од место користејќо го само електромоторот од 110 КС, пред се благодарение на високиот вртежен момент од 320 Nm.

При изборот на програмата Sport, тогаш се чувствува сета моќ на „лавот“, кога систематски се активира добро познатиот 1.6 PureTech бензински мотор од 180 КС, со вкупен максимален вртежен момент од 360 Nm. Додека има енергија во него, 1.6 PureTech ретко се вклучува, потрошувачката не надминува 1-1,5 литри.

Ефикасен и сериозно добар

Опсегот на движење од 58 километри на струја се должи на литиум-јонската батерија со капацитет од 12,4 kWh, а возилото има избор од два типа на вградени полначи кои ги задоволуваат сите потреби на клиентите и одговараат на сите нивни системи за полнење. Тие се еднофазен конвертор од 3,7 kW во стандардна опрема и 7,4 kW еднофазен конвертор во опционална опрема.

Кога батеријата е испразнета, 308 одлично работи и како обичен хибрид. Имено, одредена количина на енергија секогаш останува „заклучена“, односно резервирана за ваков тип на функционирање. Со тоа, перформансите се зачувуваат, додека батеријата брзо се полни, и при сопирање и забавување, како и преку моторот на внатрешно согорување.

Целта при купување на plug-in хибрид е потрошувачката на гориво, а за таа да биде на најниско можно ниво, тогаш батериите треба да се полнат што почесто, а на обичен приклучок за домаќинство потребни се и до 7 часа, а ако се доплати за посилен полнач од 7,4 kW, времето се намалува на околу 3 часа.

Постојат многу начини на кои може да се интерпретира сегментот во кој Peugeot одлучи да настапува во следниот период. Новата филозофија на француската марка која на еден начин започнува токму со 308 е исклучителна и различна од она што се подразбираше досега. Врвната технологија, уникатниот дизајн и рафинираноста која ја поседува го прави моделот 308 Hybrid 180 исклучително конкурентен, a „моќта на изборот“ на Peugeot уште еднаш се покажува во одлично светло и ќе биде сериозен адут во силната конкуренција на европскиот пазар со која традиционално е споредуван еден од најпопуларните хечбек модели.

Цена на тестираниот модел: 43.350 евра.

Технички податоци за Peugeot 308 1.6 Hybrid 180 e-EAT Active Pack:

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.598 см3
пречник и од 77 x 85,8 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор/
Макс. моќ на хибриден систем
150 KС при 4.250 min/-1
110 КС (82 kW) при 2.500 min/-1
180 КС
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор/
Макс. вртежен момент на хибриден систем
250 Nm при 1.500 min-1/

320 Nm/

360 Nm

трансмисија на предни тркала преку 8-степен автоматски менувач e-EAT
потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, спирални пружини, назад торзиона оска, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/45 R17
каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.367 x 1.852 x 1.444 mm
меѓуоскино растојание 2.675 mm
траги (напред/назад) 1.559/1.554 mm
тежина 1.603 кг
максимална тежина 2.120 кг
багажен капацитет 361 литар
резервоар 40 литри
максимална брзина 225 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7.7 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 1,1 – 1,2 л/100 км
емисија на CO2 24-27 г/км

Peugeot 308 во Македонија:

Peugeot 308 Active Pack 130 27.290 евра
Peugeot 308 Allure PureTech 130 29.770 евра
Peugeot 308 Allure Pack PureTech 130 EAT8 32.690 евра
Peugeot 308 Allure Pack BlueHDi 130 ATN8 34.900 евра
Peugeot 308 GT PureTech 130 EAT8 35.000 евра
Peugeot 308 GT PHEV 180 51.690 евра
Peugeot 308 GT PHEV 225 53.480 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 3111 000 или на www.peugeot.mk.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button