fbpx

Анти кризна мерка: Најдобри филмови со автомобили (Втор дел)

Со заострувањето на мерките за борба против коронавирусот, Авто Плус ви нуди нова доза на Анти кризна мерка, како продолжение на најдобрите филмски остварувања со автомобили

Изолацијата и следењето на препораките од здравствените лица е неопходна за спроведување на мерките за борба против пандемијата на коронавирусот. Многумина тоа тешко го доживуваат, особено сега кога се очекува значително подобрување на временските услови. Но, за самоизолацијата и седењето дома да бидат поинтересни и поисполнети, Авто Плус ви нуди Анти кризна мерка со предлог најдобри филмови со автомобили кои можете да ги погледнете во ова време.

Претходната листа содржеше неколку фантастични филмови кои се надеваме дека ви се допаднаа доколку претходно ги немавте погледнато, а сега ќе се обидеме да издвоиме уште пет филмови кои ќе можат да го исполнат вашето време.

1. Rush (2013)

Кога станува збор за Formula 1, неизбежно е и ривалството помеѓу Ники Лауда и Џејмс Хант и нивните дијаметрално спротивни стилови на живеење, а сето тоа е фантастично екранизирано од страна на режисерот Рон Хауард. Не само што филмот изгледа навистина добро, туку е и мошне забавен дури и ако не сте заинтересиран за возачкиот аспект. Затоа, ова е и добар филм кој можете да го погледнете со вашата поубава половина, или било кој друг кој не е претерано заинтересиран за автомобилите.

2. Le Mans (1971)

Стив Меквин повторно во главната улога. Во претходната Анти кризна мерка го посочивме Bullitt како негово најдобро остварување, но за оние кои не мислат така, тоа е веројатно токму поради овој филм – Le Mans. Најтешката трка на издржливост на светот долга околу 15 километри низ некогашните селски патишта во Франција е ултимативен тест за производителите на автомобилите и возачите ширум светот. Автомобилските ѕвезди на овој филм како Porsche 917 и Ferrari 512 LM играат заедно со своите возачи на границата меѓу фикцијата и фактите, но она што мора да се напомене е дека ова можеби е и „најтврдокорниот“ автомобилски филм на оваа листа. Најголемите автомобилски фанатици и ентузијасти со гаранција ќе уживаат во ова остварување.

3. The Driver (1978)

Овој крими трилер од 1978 година послужи како голема инспирација и за култниот режисер Квентин Тарантино во своите идни остварувања, а воедно достигна и култен статус меѓу автомобилските фанатици. Приказната следи еден неименуван возач кој краде брзи коли и ги користи за грабежи, проследено со опсесивни потери на еден детектив. Исполнет со бркотници и многу акција, The Driver нуди изобилие на забава за оние кои се уште не го погледнале.

4. The World Fastest Indian (2005)

Иако мотоциклите не се баш автомобили, не би сакале да ги разочараме љубителите на возилата со две тркала, а воедно и да го прескокнеме филмот кој со својот дух нималку не отстапува од она што го прикажуваме на овие листи. Овој биографски филм го следи Бурт Монро кој го толкува Ентони Хопкинс. Бурт е човек од Нов Зеланд чие срце полека откажува, но тој без оглед на се` се обидува да го собори брзинскиот рекорд во Боневил. Неговиот Indian мотоцикл од 1920 година не го остави на цедило во овој потфат во 1967 година, а екранизацијата на овој вистински настан е секако забавна, инспиративна приказна која на моменти ги крши срцата на гледачите, што е една од причините да го запаметиме овој филм.

5. Ford v Ferrari (2019)

По неуспешната аквизиција на Ferrari со цел брз влез во тркачките води, компанијата Ford започнува развој на сопствен тркачки автомобил, со што се раѓа соработката меѓу Ford и Shelby American. Кон средината на 60-тите години на Ле Ман така настанува периодот на најголемата борба за титулата по повеќегодишната доминација на италијанскиот бренд. Секако најдобриот филм во последната деценија, Ford v Ferrari излегува од рамките на ентузијастите и успева да го добие вниманието на пошироката публика, внимание кое легендарниот Кен Мајлс кој го толкува Кристијан Бејл во ова филмско остварување, пред се конечно и го заслужи.

Секако, нашата редакција ќе се потруди и во следните денови да ви понуди уште неколку филмски предлози, а вие седете дома и продолжете да ги следите нашите објави во меѓувреме, во исчекување на Анти кризните мерки.

Поврзани вести

Back to top button