fbpx

Анти кризна мерка: Најдобри филмови со автомобили

Со оглед на тоа дека најголемиот дел од луѓето се во домашна изолација поради пандемијата на коронавирусот, во прилог ви нудиме дел од најдобрите филмски остварувања со автомобили

Поради пандемијата која владее низ целиот свет и новиот коронавирус кој го парализираше општеството, а пред се за доброто на сите нас и нашите најблиски, мораме да останеме трпеливи и да се придржуваме на насоките на стручите лица од здравствениот сектор. Со оглед на препорачаната изолација и седењето дома, сега е идеалното време да се погледнат некои филмови во кои главните херои се токму автомобилите.

Авто Плус како дел од својата Анти кризна мерка се обиде да издвои пет играни или документарни филмови поврзани со автомобилизмот, a во следниот период ќе следуваат и уште повеќе. За денешната Анти кризна мерка ги избравме следните остварувања:

1. Bullitt

Веројатно еден од најдобрите автомобилски филмови на сите времиња, а исто така веројатно и најдобриот филм на легендарниот Стив Меквин, кој покрај актерството е познат и по тоа што бил и страствен љубител на брзото возење. Покрај можеби најдобрата сцена со бркотница која некогаш е снимена и која трае неверојатни 10 минути, тука е и најголемата легенда од автомобилите кои се појавиле на филмското платно – 1968 Ford Mustang Fastback во Highland зелена боја кој на почетокот од оваа година беше продаден за 3,7 милиони долари. Не треба да се заборави ниту неговиот филмски ривал – Dodge Charger R/T 440.

2. Days of Thunder

Top Gun за автомобилските филмови. Том Круз, Никол Кидман и Роберт Дувал ги толкуваат главните улоги во ова остварување, а приказната се врти околу младиот талентиран возач Кол Трикл, кој добива шанса да се натпреварува на врвно ниво во NASCAR дивизијата.

3. Gone in 60 Seconds

Иако можеби не е популарно мислење, за многумина „римејкот“ на Gone in 60 Seconds со Николас Кејџ и Анџелина Џоли е всушност подобар од оригиналното издание од 1974 година. Далеку од тоа дека оригиналот е лош, но филмот од 2000 година повторно ја запали искрата во Холивуд кога станува збор за автомобилите. Да не беше овој филм, веројатно немаше да има ниту 10 продолженија на Fast and Furious.

4. Senna

Кон средината на осумдесетите години, бразилскиот Formula 1 возач по името Аиртон Сена освои три светски шампионати пред трагично да загине пред целиот автомобилски свет. Овој документарен филм го следи неговиот пат и борбата која ја минуваше на патеките и надвор од нив, како и времето по неговата смрт која го промени тркачкиот свет засекогаш. Покрај одличната приказна за љубителите на автомобилизмот, ова е и одличен поглед во животот на најголемата легенда на Formula 1.

5. The Italian Job

Во овој култен филмски класик, познатиот актер Мајкл Кејн се бори против полицијата и мафијата. Во типично британски манир полн со познатиот специфичен хумор и шарм, Кејн веднаш по излегувањето од затвор смислува план за кражба на злато во вредност од 4 милиони долари и тоа среде Торино користејќи Mini Cooper автомобили. Дефинитивно еден од филмовите кои морате да ги погледнете, а во 2003 година доби и римејк, кој исто така стана голем хит. Но, според нас, оригиналот е дефинитивно неколку класи подобар.

Во следните денови следете не и очекувајте уште неколку филмски предлози како дел од нашата Анти кризна мерка.

Поврзани вести

Back to top button