fbpx

Британците забрануваат продажба на дизел и бензински возила во 2030

Британската влада ќе ја забрани продажбата на нови бензински и дизел автомобили и комбиња во 2030 година, потврди премиерот Борис Џонсон

Она што се најавуваше во изминатиот период, сега е и официјално. Премиерот на владата на Велика Британија, Борис Џонсон, истакна дека забраната на дизел и бензински возила е дел од поширокиот план на земјата да стане CO2 неутрална до 2050 година.

Џонсон во изјава за Financial Times истакна дека владата „ќе инвестира повеќе од 2,8 милијарди фунти во електрични возила, опремувајќи ја земјата со станици за полнење и креирање на долготрајни батерии во британските гигафабрики. Ова ќе овозможи да се стави крај на продажбата на нови бензински и дизел автомобили и комбиња во 2030 година“.

Сепак, постојат неколку „дупки“ во забраната на Велика Британија за возилата со мотори на внатрешно согорување, со оглед на тоа дека се уште ќе биде дозволена продажбата на нови хибридни возила и комбиња „кои можат да возат значителна дистанца без испуштање на CO2 од издувните системи“ се до 2025 година. Владата ќе ја дефинира точната „значителна дистанца“ нешто подоцна и по консултациите во владата.

Голем дел од 2,8 милијарди вредната инвестиција на владата ќе отпадне на помошта за експанзија на полнечката инфраструктура низ Велика Британија, а притоа резервирани се 582 милиони фунти со цел да се стимулира купувањето на возила кои не испуштаат CO2, како и високо електрифицираните возила. Велика Британија исто така ќе потроши и 500 милиони фунти во следните четири години за да се зајакне локалното производство на батерии.

Останати земји во Европа кои најавија датум за забрана на продажба на бензински и дизел возила се и Франција, која ќе го направи тоа во 2040 и Норвешка, која ќе ја воведе забраната во 2025 година, со оглед на тоа дека оваа земја е далеку пред сите според користењето на електрични возила. Германија исто така разгледува можност за забрана на конвенционалните возила во 2030 година.

Поврзани вести

Back to top button