Доскорешниот шеф на дизајн во Peugeot се пресели во Renault

Откако го ангажираа некогашниот шеф на дизајн на Seat, во таборот на Renault пристигнува и доскорешниот шеф на дизајн на нивните сонародници Peugeot

Новиот извршен директор на Renault, Лука де Мео, не губи време во консолидирањето на редовите на Renault и групирањето на екипата, и веќе работи на доведувањето на кадровските засилувања. Пред неколку дена пристигна вест дека во Renault пристигнал Алехандро Месонеро Романос, поранешниот шеф на дизајн во Seat.

Но, тоа не е се во дизајнерскиот тим на француската марка. Имено, сега пристигна и официјална потврда дека некогашниот шеф на дизајн на Peugeot, Жил Видал, ќе биде нов дел на дизајнерското одделение на Renault. Најинтересно од се е што двајцата поранешни дизајнерски шефови на Peugeot и Seat, ќе работат под раководство на Лоренс ван ден Екер, кој останува на чело на одделението задолжено за дизајн во Renault.

Причината за создавање на вака силен дизајнерски тим веројатно лежи во тоа што Лука де Мео верува дека во време на хиперпродукција е неопходно да се има уникатен, препознатлив и атрактивен дизајн кој ќе го привлече вниманието на купувачите. За време на неговиот престој во Seat, шпанската марка ги имаше можеби најубавите автомобили во Volkswagen групацијата кога станува збор за големосериските марки.

Месонеро и Видал ќе работат под водство на Ван ден Екер

Како и да е, Лоренс ван ден Екер е човекот кој соопшти дека Видал е нов дел од дизајнерскиот тим на Renault. „Навистина сме возбудени што Жил ќе ни се приклучи. Неговото големо искуство, смислата за иновација и страста за дизајнирањето на автомобили ќе имаат значителен придонес за нашиот бренд“, изјави шефот на дизајн во Renault.

Повеќе од јасно е дека Renault ќе претендира да го заземе приматот на бренд со најубава гама на автомобили. Тоа е очигледно пред се поради делата кои зад себе ги имаат новите дизајнери кои пристигнаа во компанијата, така што француската компанија дефинитивно има светла иднина пред себе, барем кога станува збор за естетиката. Алехандро Месонеро Романос е човекот кој беше задолжен за создавањето на Ateca, Arona и Taraco, како и новите генерации на Leon, Cupra Formentor и концептуалниот el-Born.

Од друга страна, Жил Видал го трансформираше изгледот на Peugeot и ги создаде некои од најатрактивните автомобили кои денес се достапни на пазарот. Додека тој беше на чело на дизајнерското одделение, Peugeot ги пласираше новите 208 и 508, како и SUV моделите 2008, 3008 и 5008, автомобили кои добија голем број престижни награди за дизајн.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close