Панорама Seat Tarraco: Спортски џин со шпански темперамент

Сè поголемата популарност на SUV возилата доведе до тоа и Seat, кој пред неколку години немаше ваков модел, да ги „пополнува“ своите редови со третиот и најголем SUV во својата понуда - Tarraco

Името Tarraco е добиено по јавниот конкурс на Seat во кој главен критериум беше името на новиот модел да биде поврзано со географска област или град во Шпанија. Така, се дојде до името Tarraco кое изведено од името на шпанскиот град Тарагона, односно античкото име за овој град, во автономната покраина Каталонија на Средоземното море.

Како што е и очекувано, Tarraco почива а MQB A+ платформата, што обезбедува должина од 4.735 mm. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.790 mm, додека капацитетот на багажникот во верзијата со пет седишта изнесува фасцинантни 760 литри. Во инжинерска смисла, како што е карактеристично за VW групацијата, Tarraco е мошне близок на моделот од сестринската фирма, Škoda Kodiaq. Сепак, според очекуваното, Tarraco поседува повеќе спортски подесен систем за потпирање во споредба со својот чешки брат, што обезбедува подобри атрибути на возната динамика. Имајќи ги предвид димензиите на возилото, Tarraco се наметнува како директен конкурент на моделите од своето „семејство“ како VW Tiguan и Škoda Kodiaq, но и Honda CR-V, Hyundai Santa Fe, Kia Sorento, Nissan X-Trail и така натаму.

Дизајн со многу емоции

Со своите 4,75 метри должина го зазема второто место во својот сегмент, веднаш зад Hyundai Santa Fe, додека меѓуосовинското растојание од 2,79 метри во целост го исполнува условот за припаѓање во категоријата на седмосед. Последните две седишта се целосно „спакувани“ во подот на багажникот, а кога се подигнати, го намалуваат товарниот простор на 230 литри капацитет. Со својата ширина од 1,84 метри го дели последното место со Tiguan во однос на конкуренцијата, а од Kodiaq е потесен за 4,3 сантиметри, додека со висината од 1,66 метри се наоѓа во „златната средина“.

Она по што Tarraco најмногу се разликува од останатите модели од VW групацијата, како Volkswagen Tiguan Allspace или Škoda Kodiaq е дизајнот со многу емоции, а Seat има добра причина за тоа, бидејќи неговите клиенти се за десет години помлади од купувачите на Volkswagen. Поради тоа Шпанците си дозволиле нешто посмел, па и поагресивен дизајн на Tarraco. Поинаквиот дизајн на Tarraco дискретно најавува и нов дизајнерски правец во блиска иднина.

Новиот SUV на Seat навистина изгледа мошне атрактивно, а стручњаците од Seat успеаја во својата намера острите линии да ги вклопат во целината на еден вака масивен автомобил. Предниот дел се карактеризира со широка трапезоидна маска, а триаголните LED светла се простираат до самата маска на ладилникот, која со големото лого „S“ на средината го доловува својот агресивен и спортски изглед. Од страните Tarraco изгледа посмирено и поелегантно, но впечатокот го заокружуваат задните LED светлосни групи со атрактивен дизајн кои се простираат низ целата ширина на задниот дел од автомобилот. Сепак, за разлика од Audi Q8, кај задните светла сјаат низ целата ширина, кај Tarraco тоа е случајот само со главните светлосни групи, но од Seat најавуваат дека тоа може да се промени со доплата.

Tarraco нуди одлично искуство во ентериерот

Што се однесува до внатрешноста, возачот може да ужива во Virtual Cockpit дисплејот за инструмент таблата што доаѓа како опција, со големина од 10,25 инчи. Тука секако е и 8-инчниот екран за инфозабавниот систем на врвот на централниот дел од внатрешноста достапен со опција за управување со движење на раката. Tarraco е опремен со врвен конективитет, па така покрај класичните опции како Bluetooth и AUX, во автомобилот се наоѓаат и две USB порти, кои ги поддржуваат функциите на Apple CarPlay и Android Auto.

Веќе стандардно, кога станува збор за актуелната генерација на автомобили, и Tarraco доаѓа со цела низа на системи за возачка асистенција во кои безбедноста е поставена на високо ниво. Сите модели поседуваат стандардна челна асистенција, способна да детектира пешаци и велосипедисти кои ќе се најдат пред возилото. Тука е и системот за одржување на сообраќајната лента, автоматско повикување во случај на инцидент, асистенција за превентирање на судир и така натаму. Како опција, на купувачите им се нуди и адаптивен темпомат, автоматски фарови и асистенција за итни случаеви.

Tarraco нуди четири погонски единици во својот избор. Основната опција ја сочинува 1,5-литарскиот турбо бензинец со 150 КС. Доаѓа со преден погон и шестстепен мануелен менувач. Купувачите кои сакаат нешто повеќе, можат да се определат за 2,0-литарски четирицилиндерски турбо бензинец со 190 КС. Овој мотор е споен со погон на сите четири тркала и седумстепен менувач со двојна спојка. Секако, достапен е и 2,0-литарски турбо дизел со 150 или 190 КС, а треба да се напомене и дека двата мотори доаѓаат со погон на сите четири тркала, со тоа што послабиот е споен со шестстепен мануелец, а посилниот со седумстепен DSG менувач.

Купувачите можат да бираат меѓу четири моторни единици

Seat Tarraco во нашата земја се нуди во две нивоа на опременост – Style и Xcellence. Цената за основниот модел со 1,5-литарски TSI бензински мотор со 150 КС и шестстепен мануелен менувач изнесува 30.754 евра. Оние кои сакаат седумстепен автоматски менувач со истиот мотор ќе мораат да издвојат 33.084 евра. Кога станува збор за дизел верзиите со Style ниво на опременост ќе можат да бираат меѓу 2,0-литарскиот TDI со 150 КС со погон на сите четири тркала и седумстепен автоматски менувач, чија цена изнесува 38.470 евра, додека верзијата со погон на две тркала и шестстепен мануелен менувач изнесува 33.475 евра.

Кога станува збор за Xcellence опременоста, Seat Tarraco се нуди во шест опции. Така, за 1,5-литарскиот бензинец со седумстепен автоматски менувач ќе морате да издвоите 34.925 евра. За истиот мотор, но со мануелен менувач цената изнесува 33.152 евра, додека за 2,0-литарскиот TSI со мотор со погон на сите тркала и седумстепен автоматски DSG менувач цената изнесува 39.717 евра. Дизел верзиите започнуваат со цена од 35.976 евра и тоа за 2,0-литарскиот мануелец со 150 КС. Опцијата со погон на четири тркала за истиот мотор и седумстепен автоматски менувач изнесува 40.328 евра, додека 2,0-литарскиот TDI со 190 КС и погон на сите четири тркала со автоматски седумстепен менувач изнесува 42.790 евра.

Поврзани вести

Back to top button
Close