fbpx

ЕК сака до 2030 да има 30 милиони електрични возила ширум ЕУ

Европската комисија има план и желба до крајот на оваа деценија во Европската унија да има дури 30 милиони целосно електрични возила

ЕК и ЕУ имаат план за забрзување на процесот за електрификација на Европа, а за таа цел нивната желба е до 2030 година на улиците ширум Стариот континент да се најдат дури 30 милиони целосно електрични возила. Bloomberg го открива сето ова благодарение на документот кој треба да биде објавен следната недела.

Станува збор за мошне амбициозен план, со оглед на тоа дека во овој момент на територијата на Европската унија се наоѓаат некои 1,4 милиони електрични автомобили. Проценките се дека до 2028 година во Европа ќе се наоѓаат околу 28 милиони електрични возила, а тука се вклучуваат и plug-in хибридните автомобили.

Сепак, овој амбициозен план на Европската комисија не се однесува само на автомобилската индустрија, туку европските бирократи ја гледаат и широката слика. Намерата е да се започне и со големи вложувања во железничкиот сообраќај, особено во брзите возови, а се со цел патувањето меѓу градовите кои се оддалечени до 300 километри да биде ослободено од емисијата на гасови. Покрај ова, Европската комисија најавува и дека авионите и бродовите со нулта емисија на штетни гасови би требало да пристигнат на пазарот до 2035 година.

Целта е да се направи секој вид на сообраќај одржлив и притоа да има минимална емисија на штетни гасови, а се со цел да се намали јаглерод диоксидот во ЕУ. Со оваа желба на ЕК и ЕУ, се очекува да се направи уште поголем притисок врз автомобилските производители кога станува збор за електрификацијата и пресретнување на регулативите за емисија на CO2.

Поврзани вести

Back to top button