fbpx

Mercedes EQS ќе има автономија од 700 километри

Mercedes напорно работи на подготвувањето на продукциската верзија на електричниот концепт Vision EQS

Mercedes EQS се очекува да пристигне следната година. Според најавите, ќе има автономија на движење од 700 километри според WLTP стандардите. Ова го истакна извршниот директор на Daimler, Ола Калениус, кој зборуваше за овој модел на годишниот собир на акционери претходно месецов.

„Следната година ќе влеземе во нова ера за Mercedes кога станува збор за електрификацијата – EQS ќе поставува стандарди. Повеќе од 700 километри возачка автономија според WLTP – толкав опсег ќе има со само едно полнење на батеријата. Со EQS, начинот на кој размислуваме за автомобилите се менува. Тоа е првиот целосно електричен луксузен седан од Mercedes-Benz базиран на целосно електрична архитектура. Ова отвара целосно нови можности – од позиционирањето на батериите до дизајнот на автомобилот“, изјави Калениус.

Автомобилот ќе се произведува во фабриката во Зинделфинен во Германија, додека батериите ќе пристигнуваат од погонот во Штутгарт. EQS ќе биде базиран на Модуларната електрична архитектура (MEA) на Mercedes. Во конструкцијата ќе бидат употребени челик, алуминиум и карбон. Освен EQS, оваа платформа ќе користат и други електрични возила на Mercedes. Возилото ветува S класа ниво на луксузност, комфорт и безбедност, како и додатоци од типот на управување на сите тркала и електричен погон на сите четири тркала.

Mercedes EQS

Деталите за погонот допрва треба да бидат објавени. Сепак, според претходните извештаи, може да се очекува склоп со два електромотори, по еден за двете осовини, а оттаму доаѓа и електричниот погон на сите четири тркала. Mercedes уште претходно ги заштити ознаките EQS 350 до EQS 600, што значи дека во гамата ќе се најдат повеќе различни верзии.

Базичниот модел, според информациите, ќе има над 400 КС, додека врвот на понудата, кој би можел да биде заеднички развиен со AMG, би можел да пристигне со речиси 600 КС. Треба да се има предвид дека моделот со автономија од 700 километри веројатно ќе биде резервиран за најмоќните варијанти. Оние „послабите“ се очекуваат да пристигнат со нешто над 500 километри со едно полнење. За потсетување, концептот располагаше со 476 КС и 760 Nm вртежен момент.

Mercedes EQS

Поврзани вести

Back to top button