ЕУ попушти: Моторите со внатрешно согорување ќе преживеат

ЕУ го ублажува планот за 2035: бензинските, дизел и хибридните автомобили остануваат, со нова цел од 90% намалување на CO₂

Европската Унија направи значаен чекор назад од досегашниот строг план за целосна забрана на возилата со мотори со внатрешно согорување по 2035 година. Наместо апсолутна елиминација, Европска Унија и Европска комисија предлагаат нов, пофлексибилен пристап кој им овозможува на бензинските, дизел и хибридните автомобили да продолжат да се продаваат и по таа година, но под построги услови.

Според најновиот предлог-регулативен пакет, официјално претставен на 16 декември, производителите на автомобили повеќе нема да мора да постигнат 100% намалување на CO₂ емисиите во споредба со 2021 година. Наместо тоа, целта од 2035 година ќе биде 90% намалување, додека преостанатите 10% ќе може да се компензираат преку користење биогорива, синтетички е-горива и т.н. кредити поврзани со употреба на нискојаглероден „зелен“ челик произведен во рамки на ЕУ.

Овој пристап, во пракса, ја отвора вратата за продолжен живот на класичните мотори со внатрешно согорување, благите и приклучните хибриди, како и моделите со range extender технологија, паралелно со електричните и водородните возила. Клучно е што во новиот предлог не е дефиниран нов краен рок за целосен прекин на продажбата на ICE возила. Доколку производителите ги исполнат целите преку дозволените механизми за компензација, законска забрана повеќе не постои.

Дополнително олеснување е предвидено и за периодот околу 2030 година. Наместо строги годишни лимити, емисиите ќе се пресметуваат како просек во периодот од 2030 до 2032 година, што им дава повеќе маневарски простор на автомобилските компании во планирањето на производните циклуси.

Притисокот вроди со плод

Овие промени доаѓаат по силен притисок од најголемите европски и глобални производители, меѓу кои се BMW, Volkswagen, Mercedes-Benz, Renault и Stellantis. Дури и извршниот директор на Ford, Jim Farley, јавно предупреди дека претходните цели се нереални и дека ја ставаат европската автомобилска индустрија во неповолна позиција во однос на кинеската конкуренција.

Според ЕК, измените се резултат на едногодишен „стратешки дијалог“ со автомобилската индустрија, со цел да се обнови довербата нарушена по дизел-скандалите и годините на тензии. Сепак, Брисел нагласува дека електрификацијата останува приоритет. Нови стимулативни мерки ќе бидат насочени кон мали и достапни електрични автомобили произведени во Европа, кои ќе добијат т.н. „супер-кредити“ со поголема тежина при пресметката на емисиите.

Воведувањето на новата M1E категорија за електрични возила пократки од 4,2 метри дополнително ќе ја поедностави регулативата и ќе им овозможи на државите полесно да доделуваат таргетирани субвенции. Истовремено, Европската комисија предлага и 10-годишен „мораториум“ на нови автомобилски регулативи, со цел да се намали административниот товар и да се овозможи поголема предвидливост за индустријата.

Заклучокот е јасен: Европската Унија не се откажува од зелената транзиција, но ја напушта цврстата догма. Моторите со внатрешно согорување нема да исчезнат по 2035 година, туку ќе продолжат да постојат, под построга контрола, со повеќе компромиси и со јасна цел постепено да се намалува нивното влијание врз животната средина.

Поврзани вести

Back to top button