Ferrari и Fiat ќе помагаат, Ford и GM ќе произведуваат респиратори

Ситуацијата со коронавирусот станува се полоша во Европа, а полека се шири и во Северна Америка, поради што Ferrari, Fiat, Ford и GM се одлучија да се вклучат во борбата

Овие четири компании, во две различни акции и иницијативи ќе дадат придонес во борбата против коронавирусот и тоа со помош и производство на респиратори кои се неопходни за оние кои најтешко се справуваат со Covid-19. Поради ова, Ferrari и Fiat се во преговори со најголемиот италијански производител на респиратори, со цел да помогнат да се зголеми производството на машини кои значат живот во овие моменти.

Италија е епицентарот на пандемијата во Европа, а владата на оваа земја започна програма за зголемување на креветите во интензивна нега. Со самото тоа, неопходен е и поголем број на респиратори, со цел на пациентите да им се овозможи дишење, што во превод значи спасување на животи.

Siare Engineering во северна Италија, каде има најголем број смртни случаи, во преговори е со Fiat Chrysler и Ferrari, како и производителот на компоненти Marelli, поврзано со производство на некои делови за респиратори, што би било од огромна помош.

Шефот на Siare, Џанлука Прециоза, изјави дека овие две индустриски гранки делат експертиза во одредени области, бидејќи производителите на автомобили во голема мерка се потпираат на електроника и пнеуматика. „Во разговори сме со FCA, Ferrari и Marelli, со цел да видиме дали тие можат да ни дадат помош во областа на електрониката“, изјави тој.

Две опции за Siare и FCA и Ferrari

Портпаролот на Exor, матичната компанија на FCA и Ferrari, соопшти дека состаноците со Siare се одржале во четвртокот, за да се процени одржливоста на идејата. Тој изјави дека се разгледуваат две главни опции: да и се помогне на компанијата Siare да го зголеми капацитетот во својата фабрика, со асистенција на техничари од FCA и Ferrari, или да се премести производството на извесни компоненти за респиратори во погоните на автомобилските производители.

Ferrari и FCA

Извор близок до овие случувања изјави дека Ferrari ќе биде подготвен да започне производство на делови за респиратори во Маранело, кој е во близина на фабриката на Siare Engineering. Сепак, конечната одлука се уште не е донсена. Прециоза изјави дека предноста во партнерството со производителите на автомобили го гледа во нивната куповна моќ, што им овозможува полесно набавување на делови.

Ford и General Motors ќе започнат со производство на респиратори

Американските автомобилски гиганти Ford и GM се во преговори со Белата куќа со цел да се овозможи почеток на производство на медицинска опрема во фабриките на двата големи производителите на возила. Инжинерите тврдат дека погоните на американските индустриски џинови особено се лесно прилагодливи со цел од нивните производствени ленти да се симнуваат респиратори.

Шефот на General Motors, Мери Бара, имала состанок со советник на претседателот Доналд Трамп кој е задолжен за економски прашања. Целта на состанокот бил финализацијата на договорот со кој би било овозможено производителот на автомобили да се вклучи и да помогне во медицинската индустрија, особено во сегментот на склопување на респиратори.

За тоа да биде остварливо, неопходно е внимателно да се промсли поставувањето на производствените линии со цел тие брзо да се прилагодат за производство на специфичната опрема. Брзата реакција е непходна поради прилагодување на медицинскиот одговор на темпото со кое се шири заразата во САД.

Актуелните преговори меѓу властите и претставниците на автомобилската индустрија не се новина. Имено, Кинезите сличен потег направија во февруари, каде големите компании од високо технолошките области им предложија на властите да конвертираат дел од своите производствени линии со цел да се произведува медицинска и санитарна опрема. Така и BYD стана најголемиот светски производител на санитарни маски.

Слична е и ситуацијата во Велика Британија каде Rolls-Royce ја објави својата понуда да помогне во производството на медицинска опрема.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close