Официјално: Ferrari се разделува со Себастијан Фетел

Најпопуларниот, најстариот и најважниот тим во историјата на Formula 1 се најде пред нови проблеми откако најголемата ѕвезда најави заминување

Scuderia Ferrari се соочува со нови проблеми. Покрај годините поминати без шампионски трофеј дојде и разделбата со првата ѕвезда на тимот, Себастијан Фетел. „Преговорите меѓу Себастијан Фетел и Ferrari за продолжување на соработката пропаднаа, со тоа германскиот возач ќе ја напушти екипата“, стои во известувањето на италијанската екипа од Formula 1.

Причините за разделбата засега сѐ уште не се познати. Се наведува дека 32-годишниот Германец не е задоволен од понудената плата и должината на новиот договор, односно пократката соработка од посакуваната. „Ова е заедничка одлука, двете страни сметаат дека така е најдобро. Не беше лесно да се донесе. Не постои некоја конкретна причина за истата, освен вербата дека дојде време да се тргне по различни патишта, со цел да се остварат целите“, изјави директорот на Ferrari Матија Биното.

„Мојата врска со Scuderia Ferrari ќе заврши на крајот од 2020. Со цел да се добијат најдобрите можни резултати во овој спорт, клучно е за сите вклучени страни да работат во совршена хармонија. Тимот и јас сфативме дека повеќе нема заедничка желба за соработка по завршувањето на оваа сезона. Финансискиот аспект не играше никаква улога во оваа заедничка одлука. Тоа не е начинот на кој размислувам кога станува збор за носење клучни одлуки и никогаш нема да биде“, изјави Фетел.

Ferrari

Четирикратниот светски шампион во Formula 1, Себастијан Фетел, повеќе не е член на тимот од Маранело. Ова до некаде и се очекуваше, пред се поради фактот што Германецот потфрли во Ferrari и го напушта тимот без ниту една титула, откако претходните четири ги освои во болидот на Red Bull. Ваквиот епилог се најавуваше во изминатиот период. Сепак, делува навистина изненадувачки што Ferrari не подготви добра стратегија, бидејќи сега не е јасно кој ќе го замени.

Хамилтон го одбил Ferrari, за Фетел има интерес од McLaren и Renault

Тоа по сѐ изгледа нема да биде актуелниот шампион Луис Хамилтон од Mercedes. Вакви најави постоеја претходно, паралелно со шпекулациите дека Фетел ќе си замине од Ferrari. Во игра за нов возач во екипата се и Шпанецот Карлос Саинц од McLaren, Австралијанецот Даниел Рикардо од Renault и Италијанецот Антонио Џовинаци од Alfa Romeo. Прва ѕвезда на екипата и официјално ќе стане младиот и суперталентиран возач од Монако, Шарл Леклер. Такви беа најавите во изминатиот период, а се верува дека овој детал најмногу ги кочел преговорите со Фетел.

Ferrari

За Себастијан Фетел постои интерес од McLaren и Renault. Тој во Маранело пристигна уште во 2015 како актуелен шампион во F1. Поради тоа се веруваше дека тој ќе биде човекот кој ќе ја врати титулата кај Ferrari. Меѓутоа, плановите не успеаја, а последните сезони Германецот делуваше сѐ полошо и полошо, а Леклер беше далеку покомпетитивен. Фетел за Ferrari извозе 101 трка, забележа 14 триумфи и во два наврати беше вицешампион. Неговото заминување од Ferrari би можело да придонесе за многубројни промени меѓу возачите во Formula 1.

Поврзани вести

Back to top button