Fiat ја освежи Panda со нов стајлинг и Sport варијанта

Fiat ја слави 40-годишнината на својот модел Panda лансирајќи го освежениот модел заедно со новата Sport верзија и нов инфозабавен систем

И покрај своите години, Fiat Panda и понатаму има главен збор во Европа во А сегментот. Иако засега суверено стои на тронот, време е овој модел да добие одредени подобрувања. Унапредената Fiat Panda пристигнува со нов преден браник, модифицирани странични прагови и рестилизирани тркала. Освежениот модел исто така се одликува и со нов инфозабавен систем со 7-инчен екран со поддршка за Android Auto и Apple CarPlay.

Новата Panda пристигнува и со унапреден тапацир во внатрешноста, ревидирана палета на бои и новa „дрвена“ контролна табла во која се инкорпорирани мали парченца од рециклирано дрво.

Fiat Panda

Најголем новитет е проширувањето со нова Sport варијанта. Дизајнирана за да ги привлече помладите купувачи, оваа верзија се одликува со двобојни 16-инчни тркала, како и куќишта за ретровизорите и рачки на вратите во боја на каросеријата, кои пак се достапни и во сјајна црна боја доколку освежената Panda се нарача со опционалниот црн покрив. Промените на надворешноста се заокружени со Sport беџовите и ексклузивната Matte Gray боја.

Во внатрешноста се наоѓа контролната табла во боја на титаниум, црна прекривка на покривот и специјални панели на вратите со еко-кожа. Купувачите на Panda Sport исто така ќе ги забележат и двобојните седишта кои комбинираат темно сив тапацир со „техно-кожа детали“. Купувачите кои сакаат поуникатен изглед можат да го нарачаат и Pandemonio пакетот кој вклучува затемнети стакла, црвени сопирачки и управувач со техно-кожа со црвени шевови.

Fiat Panda

Италијанскиот бренд претходно оваа година го збогати својот адут од А сегментот со нов погон со блага хибридна технологија. Тој е составен од 1,0-литарски трицилиндричен бензински мотор кој испорачува 70 КС и стартер генератор кој ја обновува енергијата при сопирање и намалување на брзината, при што истата се собира во мала литиум-јонска батерија. Потоа таа се користи за рестартирање на моторот, како дел од start/stop системот и нуди асистенција при забрзувањето.

Поврзани вести

Back to top button