fbpx

Ford Bronco доаѓа во Европа со четирицилиндричен и V6 мотор

Во согласност со новата стратегија за „американизација“ на европската понуда, Ford се подготвува за лансирањето на Bronco на Стариот континент

Ford има нова стратегија за европскиот пазар – „Синиот овал“ планира да ги промовира американските вредности на Стариот континент, таргетирајќи група на клиенти која бара поавантуристички производи. Како дел од овој нов план, брендот ќе го лансира Bronco на одредени европски пазари на пролет следната година. Со тоа, теренецот ќе им се придружи на Mustang и Explorer како производи дизајнирани за северноамериканскиот пазар, но прилагодени и продавани во Европа.

Automotive News известува дека теренецот ќе се појави на европскиот пазар со избор од два погонски агрегати. 2,3-литарскиот четирицилиндричен Ecoboost на Bronco ќе служи како основен мотор и најверојатно ќе нуди моќност од околу 300 коњски сили. На врвот на понудата ќе се најде 2,7-литарскиот V6 турбо бензински агрегат со моќност од околу 330 КС. Се чини дека 3.0-литарскиот битурбо достапен во САД нема да се продава во Европа, веројатно поради построгите стандарди за емисии на континентот.

Онлајн публикацијата вели дека Ford ќе го продава Bronco како производ „знаменосец“ во понудата, но не е познато дали со тоа ќе биде позициониран над Explorer во Европа, кој моментално е најскапиот производ на марката на континентот. Според првите информации, Bronco ќе има почетна цена од околу 60.000 евра во Германија. За споредба, основниот модел со две врати во САД започнува од 32.295 долари за моделската 2023 година.

Ford ќе ја менува својата понуда

Иако дефинитивно не е типичен мејнстрим производ, особено според европските стандарди, Bronco ќе се соочи со силна конкуренција во видот на Jeep Wrangler и Land Rover Defender. Трите модели очигледно се многу различни, но генерално играат во истата лига на тврдокорни теренски возила кои можат да се употребуваат во секојдневни услови.

Ford го реструктуира својот бизнис во Европа и веќе почна да ги прекинува моделите кои повеќе нема да бидат потребни според новиот план. Mondeo повеќе не е достапен, а од неодамна беше потврдено дека и Fiesta наскоро ќе биде официјално во пензија, заедно со S-Max и Galaxy. Ford вети дека ќе биде „поамерикански“ во Европа, веројатно навестувајќи уште повеќе модели од американскиот пазар кои ќе пристигнат во Европа во следните години.

Поврзани вести

Back to top button