Ford и PSA затвараат фабрики, Seat го запре производството

Пандемијата на коронавирусот направи големи проблеми и за автомобилската индустрија, откако голем број од производителите ги затворија своите погони

Дел од производителите поради превентивни причини, а дел и поради забележани случаи на заболени лица меѓу вработените, одлучија да го запрат своето производство и да затворат дел од своите фабрики. Така, по Maserati и Ferrari, на овој чекор се одлучија и уште неколку европски гиганти, меѓу кои Ford, Seat, PSA, Renault, Nissan, Volkswagen…

Така, Seat, шпанскиот бренд кој е дел од Volkswagen гурпацијата, целосно до вторник ќе го запре производството поради пандемијата на коронавирусот, соопштија од компанијата. Во соопштението се наведува и дека компанијата на регионалните власти ќе им го претстави планот за привремено отпуштање на сите 14.800 работници на неодреден временски период.

Во соопштението се напоменува дека сите работници во текот на овој период, покрај останатите бенефиции, ќе имаат право на 80 проценти од своите плати. Производството ќе биде запрено во сите три фабрики во областа Барселона што ќе влијае на работата на 10.500 работници. Кон крајот на неделата ќе биде запрено и производството во фабриката во Марторел што ќе влијае на уште 3.500 работници.

На ист чекор се одлучи и француската групација PSA, под чија закрила се брендовите Peugeot и Citroen. Од Француската групација објавија дека до 27 март ќе ги затворат своите фабрики со склад со соочувањето на се поголем број на заболени лица од Covid-19. PSA соопшти дека освен поради тешките заболувања во близина на нивните производствени погони, фабриките ќе ги затворат и поради пореметувањето во ланецот на снабдување и наглиот пад на автомобилскиот пазар. Од компанијата наведуваат дека прекинот на работата ќе биде спроведен во понеделник во погоните во Мадрид и француски Милуз, а ќе се продолжи и во останатите фабрики во Франција и Шпанија.

Ford ја затвора фабриката во Шпанија откако тројца работници се заразени со коронавирусот

Фабриката во Валенсија е еден од најголемите погони на американскиот гигант Ford надвор од САД, каде во моментов се вработени преку 7.000 лица. Ford во понеделникот одлучи најмалку една недела да го затвори својот шпански погон, бидејќи тројца работници од оваа фабрика биле позитивни на тестирањето на коронавирусот. Станува збор за фабрика која спаѓа во редот на најголемите погони на Ford надвор од матичната држава, во која годишно се произведуваат повеќе од 400.000 возила. Во Валенсија се изработуваат моделите како Kuga, Mondeo, S-Max и Galaxy, како и Transit Connect.

Ford

Ford и пред да открие дека има заразени работници планираше да го запре производството во оваа фабрика на три дена (18-20 март), но најновиот развој на настаните го натера менаџментот на компанијата да го затвори погонот два дена порано.

Renault исто така ги следи постапките на конкурентите, откако францускиот производител на автомобили соопшти денеска дека на неодредено време ќе ги затвори производствените погони на своите индустриски локации во Франција поради пандемијата на коронавирусот. Во краткото соопштение од Renault се наведува дека со запирањето на производството ќе бидат опфатени 12 локации и 18.000 работници во Франција, пренесува Reuters. Исто така, привремено не работат две фабрики на Renault во Шпанија, како и фабриката на Nissan во оваа држава.

Fiat Chrysler запира со производство во сите европски фабрики

Италијанско-американскиот конгломерат Fiat Chrysler одлучи да го стопира производството во сите свои европски фабрики до 27 март, односно во сите фабрики на Fiat, Alfa Romeo и Maserati. Причината секако е коронавирусот, но и драматичниот пад на продажбата на нови автомобили поради пандемијата.

Од претходно е познато дека и производителот на кочнички елементи Brembo ќе затвори четири фабрики, а со работа на три дена ќе запре и производителот на делови Magneti Marelli. Во Словачка е затворена големата фабрика на Volkswagen во која се произведуваат Porsche Cayenne, VW Touareg, Audi Q7, VW Up, Škoda Citigo и Seat Mii. Истата фабрика ги произведува и осовините и целата долна платформа за Bentley Bentayga.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close