fbpx

Ford ја претстави новата генерација на Tourneo Connect

Новата генерација на Ford Tourneo Connect е новиот модел на компанијата за „мулти-активност“ кој ќе пристигне во Европа на пролет следната година

Ford ја претстави новата генерација на Tourneo Connect. Станува збор за модел кој е базиран на Volkswagen Caddy, но се одликува со уникатни стилски карактеристики со цел да се разликува од својот германски „брат“. Tourneo Connect е патничката верзија на Tourneo опсегот, па така Ford се насочува кон практичноста, технологијата и дизајнерските одлики кои ќе ги привлечат семејствата.

Како и останатите Ford модели, така и новиот Tourneo Connect е достапен во Active, Trend, Titanium и Sport варијанти и пристигнува со две должини на каросеријата и опција за седум седишта. Моделот ја споделува MQB платформата, внатрешноста и поголемиот дел од каросериските панели со VW Caddy. Иако профилот делува идентично, со исклучок на тркалата, предниот дел е редизајниран и добива поголема решетка, извајана хаба, нови LED фарови, поинакви предни крила и различни отвори за воздух на браникот. Промените на задниот дел се поограничени.

Titanium нивото на опременост поседува хромирани елементи и 16-инчни тркала со што моделот добива еден поконзервативен елемент. Sport пристигнува со затемнети елементи, ленти на хаубата и 17-инчни тркала. Active присвојува кросовер изглед со пластични заштити, алуминиумски странични прагови и уникатни 17-инчни тркала. На крајот, тука е и базичната Trend верзија.

Ford Tourneo Connect

Контролната табла исто така е споделена со Caddy, покрај управувачот и трим опциите. Базичниот Trend добива 8,25-инчен екран на допир за инфозабавата, додека Titanium, Sport и Active се опремени со 10-инчна единица со навигација и сите модерни конективни карактеристики. Как опција се нуди и 10,25-инчниот инструмент кластер.

Разноликост и мулти-активност

Она што е поважно е разноликоста која се нуди со новиот Tourneou Connect. Двете лизгачки врати даваат пристап до вториот и третиот ред седишта кои можат лесно да се преклопат или целосно да се остранат доколку ви е потребен поголем простор во багажникот – до 2,6 кубни метри кај обичниот модле, или до 3,1 кубен метар кај варијантата со продолжено меѓуоскино растојание. Дополнително, предното совозачко седиште исто така може да се преклопи, овозможувајќи пренесување на предмети долги до три метри.

Панорамскиот стаклен покрив е достапен, а Ford исто така споменува и „голем број на држачи за чапи, прегради и портови за полнење“ за патниците, како и опционални гумени патосници кои се лесни за чистење. На крајот, опционалните ергономски седишта со поддршка за нозете и четиринасочната електронски подесувачка лумбална поддршка ќе ги направат патувањата поудобни.

Ford Tourneo Connect

Кога станува збор за безбедноста, Tourneo Connect може да биде опремен со 19 системи за асистенција на возачот, вклучително и опционалниот адаптивен темпомат.

Моторната постава ги вклучува 1,5-литарскиот EcoBoost бензински мотор кој испорачува 114 КС и 220 Nm, како и 2,0-литарскиот EcoBlue дизел со две системски моќности – со 112 КС и 280 Nm или со 122 КС и 320 Nm. Шестстепениот мануелен менувач е стандарден, а купувачите можат да се одлучат и за седумстепениот Powershift автоматски менувач со двојна спојка и лопатки за менување на брзините како и Sport режим.

Она што е интересно е што за првпат Tourneo Connect се нуди со опција за погон на сите четири тркала, ексклузивно комбиниран со помоќниот 2,0-литарски дизел и шестстепен мануелен менувач.

Ford ќе започне со примање нарачки за новиот Tourneo Connect на европскиот пазар кон почетокот на 2022, а испораките ќе започнат на пролет.

Поврзани вести

Back to top button