fbpx

Hyundai го претстави новиот кросовер Bayon

Субкомпактниот кросовер на корејскиот производител беше најавуван подолго време преку тизер кампањата, а сега дојде време и за премиерата на новиот Hyundai Bayon

Понесени од популарноста на SUV/кросовер популарноста во Европа, Hyundai лансира уште еден ваков модел во својата гама, кој ќе претставува влезна опција во понудата, а станува збор за новиот адут на корејскиот производител во B сегментот, моделот Bayon. Субкомпактниот кросовер ќе треба да се спротистави на конкуренцијата сочинета од Nissan Juke, Volkswagen T-Cross и Ford Puma.

Hyundai Bayon

Името на кросоверот пристигнува од главниот град на францускиот дел на Баскија и е избрано да го рефлектира фактот дека Hyundai овој модел го дизајнираше специјално за европскиот пазар. Со оглед на тоа дека е кросовер од B сегментот, Bayon нема да биде „оф-роудер“, а и покрај тоа што висината е нешто поголема и има пластични заштитни облоги на долниот дел од каросеријата, сепак станува збор за градски автомобил, кој сепак нуди поголем простор во ентериерот и багажен капацитет од 411 литри. Со својата должина од 4.180 милиметри и ширина од 1.775 милиметри со меѓуосовинско растојание од 2.580 милиметри, Bayon е базиран на малиот хечбек i20 на Hyundai и нема да се нуди со погон на сите четири тркала.

Но, Hyundai навистина се потруди да создаде еден уникатен дизајн, користејќи неколку стилски елементи од Kona за поагресивен изглед. Најочигледен таков примерок се тенките дневни светла кои ги разделуваат хаубата од браникот, додека фаровите во форма на стрела се практично копија на светлата поставени на задната страна.

Од друга страна, ентериерот е „повлечен“ речиси целосно од i20, но тоа воопшто не е лоша работа. Сите верзии пристигнуваат со 10,25-инчна дигитална инструмент табла поставена зад управувачот, а веднаш до него се наоѓа и екранот од инфозабавниот систем кој е поставен на централната конзола, а пристигнува со димензија од 8 инчи во стандардната верзија, односно 10,25 инчни во повисоко ниво на опременост и вклучува навигација.

Hyundai Bayon

Две моторни опции

Кога станува збор за моторните единици, купувачите ќе можат да бираат меѓу две верзии на истиот 1,0-литарски трицилиндерски турбо мотор. Базичната опција испорачува 100 КС и 172 Nm максимален вртежен момент, додека помоќниот испорачува 120 КС, иако максималниот вртежен момент останува ист.

Двете опции добиваат 48-волтна блага хибридна технологија и пристигнуваат со шестстепен мануелен менувач како стандарден, а како опција може да се добие седумстепениот DCT менувач. Интересно, кога станува збор за перформансите, разликата е мошне мала. Имено, опцијата со 100 КС до „стотка“ стигнува за 10,7 секунди, додека верзијата со 120 КС е само 0,4 секунди побрза. Уште поинтересно, базичната верзија со DCT менувач е цела секунда побавен, со оглед на тоа дека и се потребни 11,7 секунди за да го исполни спринтот од место до „стотка“.

Hyundai Bayon

Со оглед на тоа дека Hyundai веќе ја има Kona во својата понуда, Bayon ќе биде маркетиран како попрактичен кросовер за оние кои немаат потреба од погон на сите четири тркала или ЕВ верзија. На крајот на краиштата, во Hyundai сигурно добро размислиле пред да одлучат да го лансираат Bayon, а со оглед на тоа дека е практично ист со i20, но со поинаква каросерија, Hyundai сака да ја искористи популарноста на кросоверите на Стариот континент.

Новиот Hyundai Bayon се очекува да пристигне во продажните салони во Европа ова лето.

Поврзани вести

Back to top button