fbpx

Hyundai Tucson 2.0 CRDi AT 4WD: Нова мисија, блескава визија!

Hyundai Motor има сé поголеми амбиции кон европските пазари. Резултатите и бројките од нив велат дека „во мода се кросовери“, па поради ова на истите се нуди нешто ново од корејскиот производител, нов Tucson

Hyundai Motor има се поголеми амбиции кон европските пазари. Резултатите и бројките од нив велат дека „во мода се кросовери“, па поради ова на истите се нуди нешто ново од корејскиот производител, нов Tucson.
Доверлив автомобил и амбасадор на марката, кој на најдобар начин го поткрепува мотото New Thinking, New Possibilities. Благодарејќи на атрактивниот дизајн и напредните технологии, Tucson претставува уште еден чекор понапред во однос на понудата за се попробирливата клиентела во овој сегмент.

Прва блиска средба со најновото остварување, на тема SUV изведби, на корејскиот производител Hyundai имавме во март на салонот во Женева, за да потоа бидеме дел и од спектаклот што во чест на лансирањето на новината, во септември, го подготви марката во Франкфурт, за да неодамна и го управуваме првиот Tucson, кој го добивме благодарејќи на соработката со македонскиот импортер Кореа Ауто Трејд.

Кај овој модел е сé ново, вклучувајќи го и името, па ова е вистинска револуција, а не еволуција во однос на досегашниот ix35, кој имаше извонреден настап на пазарот и беше несомнено еден од најуспешните претставници во својот сегмент. Претходните генерации на ова остварување навистина имаа тешка задача, но го трасираа вистинскиот пат на успехот, па на новиот Tucson му претстои нова мисија, во целост да ја освои Европа, а и да отвори ново поглавје за компанијата која најавува комплетно нова стратегија за настапот на Стариот континент. Со оглед на тоа што дизајнот е создаден во студијата на гигантот во Риселсхајм, се произведува во Чешка, веќе многу работи се поклопени, а за другото преостанува времето.

Модерниот урбан дизајн на новиот Hyundai Tucson комбиниран со робусноста неопходна за SUV возилата е дело на екипата под водство на мајсторот на својот занает, Питер Шрејер. Еден од пунктовите каде зачна и се реализира оваа креација беше токму Риселсхајм, а Шрејер не крие дека ова е круна на еден навистина мошне зрел пристап на тимот што го создаде. Во предниот дел доминира карактеристичната „корпоративна“ хексоаголна маска, новиот дизајнерски јазик на брендот, со здебелени хромирани хоризонтални лајсни отприлика како кај далеку помасивниот брат – Santa Fе, каде доминира логото на компанијата.

Преостанатиот дел од предницата е набилдан, но и мошне флуиден, а светлата со специфичен облик изгледаат посериозно. Голема заслуга за ова имаат леќите на светлата и посебните LED сегменти. Мошне впечатливо изгледа пакетот со LED дневните светла, кои се во синхронизација со магленките, сместени на посебен начин во рамка под хоризонталната оска на предниот браник. Со поместување на А-носачот кон позадиот дел постигнато е визуелно раздвојување од долгиот преден капак и добиен е далеку поелегантен профил. Обликот на лаковите над тркалата придонесува за поагилен и подинамичен изглед, дури кога и автомобилот стои. Особеноста на Tucson на задниот дел е нагласена со воочливи водорамни линии кои се поврзуваат со рабовите на калниците. Кон ова, со интересна игра на искршени линии дополнително е нагласена динамиката на оваа изведба од Hyundai, која несомнено може да се пофали како еден од најуспешните дизајнерски SUV модели во сегментот. Што се однесува до димензиите на возилото со должина 4.475 mm, широчина 1.850 mm и виочина 1.645 mm се потврдува фактот дека моделот не е типичен компакт, односно малку „бега“ од тие рамки. Во однос на претходникот нема некои отстапувања, но вреди да се спомене дека новината е пониска, што придонесува за далеку подобра аеродинамичност, па со спортските финеси ова е навистина кросовер подготвен да исплете како што потенциравме нова приказна во поглавјето на Hyundai. Мора да напоменеме дека Tucson е еден од првите модели во гамата од компанијата кои нуди 11 бои на каросеријата, стартот е со белата (Polar White), потоа следат седум со епитетот металик, како и три со бисерен ефект (Ruby Wine, Phantom Black, Platinum Silver).

Значи поголем е списокот на промени во екстериерот на Tucson, но верувајте ни одблизу не е мал и оној во ентериерот во однос на ix35. Верувале или не, напредните опции во внатрешноста донесуваат точно 70 копчиња и прекинувачи. Не е тешко ни најмалку да се запаметат, бидејќи се распоредени во логични групи. Tucson е комплетно поинаков од ix35, бидејќи целата конзола му е сосем променета. Очигледно е дека некогашниот шеф на Audi си пограл со некои свој веќе видени решенија, но имплементирани на свој специфичен начин. Изборот на материјали извонреден и неочекуван, а завршната обработка на далеку повисоко ниво од она што сме навикнале. Како вели Шрејер: „Ние креираме модели за премиум сегментите“! Сé е на допир меко, некако „топло“, Tucson навистина не само што се приближил, туку и „дише“ во ритамот каков што го диктираат најеминентните европски изведби. Нема сомневање со овие промени е чекор повисоко на ергономски план, зрачи со квалитет, а забелешка само на инструменталната табла која малку како да остана поедноставна во однос на севкупниот израз. На самиот врв на конзолата е големиот, нерефлектирачки дизплеј со дијагонала од 8 инчи од најновата генерација. На пат, преку него се управува со мошне прецизниот навигациски систем, исто така од последната генерација, кој е три пати побрз од претходната верзија која се вградуваше во моделите на Hyundai. Има повеќе опции за избор на посакуваната рута, побрзо ажурирање на податоците кои се чуваат на SD картичка. Што се однесува до аудио системот вграден е Seamless DAB и радио со шест звучници, USB и AUX приклучоци, како и Bluetooth опција.

Делот за седење на предните седишта е нешто подолг, а како опција истите можат да бидат електрично регулирани. Имаат опцијата да бидат греени, а може да бидат и вентилирани. Ваква опција е можна и за задните седишта што секако придонесува за поголема удобност на патниците. Tucson е произведен на потполно нова платформа, која му овозможува на кросоверот многу поголема пространост во енетериерот. Паметно осмислената и спакувана внатрешност само го потврдува фактот на одлично направениот баланс меѓу внатрешните и надворешните димензии, оптимален простор кој е предвиден за патниците, удобна и светла кабина (во тестниот модел имавме сончев покрив), како и 513 литри багажен простор. Новите и практични функции кои се нудат вклучуваат паметно напојување на вратата на багажникот, старт на моторот без клуч, амбиентално осветлување околу возилото-кое се активира со приближување.., а кога сме кај кабината мораме да ја споменеме добрата звучна изолација, па комфорот во целост навистина е на многу високо рамниште.

Веќе со почетното ниво на опременост новиот Hyundai Tucson донесува богат список на сериска опрема. Ако зборуваме за сигурноста вклучува шест воздушни перници, ESP, Hill-Holder, DBC состав за помош при возење по надолнини, како и активен капак на моторот. Тука вреди да се споменат поагресивниот серво управувач, патниот комјутер, автоматската двозонска клима… Во највисокото ниво на опременост Elite, која ја имавме во тестниот модел имавме кожен пакет, паркинг сензори, камера за возење наназад, Static Bending, електроматски внатрешни ретровизори со компас, дополнително затемнети стакла, 19-инчни тркала. Посебно треба да се напоменат системите од пасивната и активната безбедност, бидејќи благодарејќи на врвните резултати Tucson доби максимални пет ѕвездички на Euro NCAP тестирањата.

Новиот Tucson во однос на директните ривали може да се пофали и со богата агрегатска понуда. Во моделот што го управувавме под хаубата чукаше срцето на 2.0 литарскиот дизел агрегат со 185 KС во спрега со седумстепен автоматски (DCT) менувач со двојна спојка. Перформансите дури и одлични, а рака на срце и потрошувачката за мерак! Оние 185 коњи се испорачуваат со извонредни 402 Nm вртежен момент, а мора да се признае дека погонот на сите четири тркала овде е единствен избор. Емисијата на штетни гасови со употреба на катализатори и филтер за честички е комплетно намалена, а сите мотори ги исполнуваат строгите Euro 6 норми. Погонот на сите четири тркала испорачува 100% вртежен момент на предните тркала во нормални услови, а до 40% моќ на задната оска во услови кога е тоа потребно. Можно е и рачно бирање на Lock Mode, а системот ја распоредува силата 50:50. Со сите оптоварувања нам на тестот возилото ни покажа дека потроши околу 7,5 литри, што е навистина извонреден резултат за вакво возило.

На крајот треба да ја апострофираме одличната управливост на вака спакуваниот Tucson. Мултифункционалниот серво управувач е мошне прецизен и директен, додека новото потпирање и амортизери освен што веќе напоменавме нудат добар комфор, се грижат и за мирно возење, без карактеристичните „лулања“ за овој вид возила. Drive Mode (DMS) функцијата кај автоматскиот менувач нуди две можности на управување, normal и sport, со различни карактеристики.
За сите овие поединости секако треба да се плати, па за вака екстремно наполнетата опција потребни се 34.490 евра.

Технички податоци за Hyundai Tucson 2.0 CRDi AT 4WD

мотор Euro 6, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина 1.995 cm3
пречник и од 84.0 x 90.0 mm
степен на компресија 16,0:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail, компресор со променлива геометрија, интеркулер
максимална силина 185 KС (136 kW) при 3.800 min-1
максимален вртежен момент 400 Nm при 1.750-2.750 min-1
трансмисија DCT aвтоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред дискови, назад дискови, ABS, ESP, TCS, Hill-Holder, DBC
пневматици 245/45 R19
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.475×1.850×1.660 mm
меѓуоскино растојание 2.670 mm
траги (напред/назад) 1.608/1.620 mm
тежина 1.615 kg
максимална тежина 2.250 kg
приколка со сопирачки
багажник 513 dm3
резервоар 62 литри
максимална брзина 201 km/h
забрзување 0-100 km/h 9,5 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,6/8,0/5,6 l/100 km
емисија на CO2 170 g/km

Hyundai Tucson во Македонија:

Tucson 1.6 GDi SPORT 2WD 18.490
Tucson 1.6 GDi COMFORT 2WD 19.990
Tucson 1.7 CRDi SPORT 2WD 21.490
Tucson 1.7  CRDi COMFORT 2WD 22.990
Tucson 2.0 CRDi ELITE 4WD 34.490

Повеќе информации во Кореа Ауто Трејд, тел: 02/ 3095-525

Поврзани вести

Back to top button