Jaguar сака да ги забрани кросоверите на VW групацијата во САД

Jaguar Land Rover побара од Меѓународната трговска комисија да го забрани увозот и продажбата на разни теренски возила од Volkswagen групацијата во САД

Британскиот производител на автомобили, Jaguar Land Rover, кој е под закрилата на индискиот конгломерат Tata, бара забрана за увоз и продажба на кросовери и SUV возила од брендовите на Volkswagen, Audi, Porsche и Lamborghini во Соединетите американски држави. Од JLR велат дека возилата Volkswagen Tiguan, Audi A6 Allroad, Q5, Q7, Q8 и E-Tron, Porsche Cayenne и Lamborghini Urus поседуваат систем кој детектира и го анализира видот на подлога по кој возилата се движат, за заклучоците до кои сензорите и останатите компоненти доаѓаат, ги употребува за подесување на системот за потпирање, со цел да се постигне максималниот ефект во остварувањето на намерите на возачот, со цел да се добие што е можно подобра удобност за патниците.

Имено, Jaguar Land Rover наведува дека овие брендови го користат патентираниот Terrain Response систем на британската компанија без никаква дозвола и наведуваат дека оваа конкретна технологија која е развиена од страна на компанијата е клучниот систем во нивните F-Pace и Discovery модели, додека германските гиганти недозволено го копирале и го нудат во своите возила.

Во официјален разговор со медиумите, адвокатот на британската фирма Метју Мур изјави дека Jaguar Land Rover го заштитил патентот за Terrain Response и дека никој друг освен нив не смее да го користи без дозвола на сопственикот на интелектуалната сопственост и договорен финансиски надоместок. Според JLR, Volkswagen групацијата наводно го искористила системот без претходна дозвола и со тоа нивните возила не би смееле да бидат легални за продажба.

Jaguar Volkswagen

Случајот може да трае со години

Не е познато дали производителот од Велика Британија планира да поднесе тужби и на останатите континенти. Од друга страна, Меѓународната трговска комисија не може да ги натера евентуалните виновници да исплатат финансиски надоместок, но може да забрани продажба на одредени производи доколку се заклучи дека патентот на оштетената страна е загрозен. Лоша вест за Jaguar Land Rover е тоа што на комисијата во просек и се потребни 15 до 18 месеци истрага за да донесе финална одлука, по што Volkswagen ќе може да поднесе жалба, така што целиот случај ќе може да се одложи на неколку години.

На крајот на краиштата, доколку Меѓународната трговска комисија донесе одлука во корист на Jaguar Land Rover, не треба да се очекува дека кросовер и SUV моделите на Volkswagen групацијата едноставно ќе исчезнат од пазарот, туку најверојатно ќе дојде до финансиски договор со посредство на суд.

Поврзани вести

Back to top button