Jaguar ќе го паузира производството на електричниот I-Pace

Од компанијата Jaguar објавија дека привремено ќе го паузираат производството на I-Pace, а причина за тоа е недостатокот на батерии

Според информациите на британски Times, Jaguar производството на I-Pace ќе го запре идниот понеделник, а паузата во производството би требало да трае една недела, се додека не пристигнат новите батерии во фабриката. Иако I-Pace е модел на Jaguar, тој се произведува во фабриката во Грац, во Австрија. Главниот добавувач за батерии е корејски LG Chem, кој батериите во Грац ги доставува од својот погон во Полска.

Jaguar во претходните три години продаде околу 18.000 примероци од овој електричен SUV. I-Pace од моментот кога се појави на пазарот предизвика голема бура, а успеа и да се закити со ласкавата титула „Светски автомобил на годината“ во 2019 година.

I-Pace претставува еден од клучните модели за иднината на Jaguar, особено во Европа. Овој автомобил би требало да му овозможи на британскиот бренд да избегне потенцијални казни во Европската унија поради флотната емисија на штетни гасови.

Jaguar се соочува со проблемите на Hyundai, Mercedes и Audi

Инаку, LG Chem и претходно претставувал проблематичен доставувач, бидејќи често се случувало да не испорача доволен број на батерии. Така, во 2017 година Hyundai мораше да го одложи почетокот на производството на електричниот Ioniq бидејќи немаше доволно батерии, а потоа и минатата година и Audi имаше проблеми со овој производител на компоненти, па поради тоа доцнеа испораките на електричниот e-Tron.

Неодамна и Mercedes искуси проблеми со LG Chem и тоа во врска со својот EQC модел. Иако информациите кои пристигнуваа од медиумите и самиот Mercedes често беа спротивни, по се судејќи и германската марка ќе го намали бројот на произведени примероци на годишно ниво, токму поради недостатокот на батерии.

Електричната мобилност претставува навистина убава идеја, но во пракса на многу елементи на тој проект е јасно дека мора да се работи. LG Chem и неговата фабрика во Полска не можат да се носат со зголемената побарувачка на батерии. Она што загрижува е што продажните бројки на сите наведени автомобили се релативно скромни, а фабриката за батерии не успева да работи во рамки на роковите и бараните капацитети.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close