fbpx

Kia објави детали за новиот Sportage

Еден месец откако премиерно ги покажа фотографиите од новата генерација, Kia сега ги сподели комплетните детали за новиот Sportage

Корејскиот производител Kia пред околу еден месец премиерно ја прикажа петтата генерација на Sportage која пристигнува со радикално променет изглед, а сега компактниот кросовер повторно е во фокусот на вниманието откако компанијата ги откри спецификациите. Треба да се земе предвид дека станува збор за глобалната верзија со подолго меѓуосовинско растојание, а Европа ќе ја добие верзијата со помала оддалеченост меѓу оските.

Kia Sportage

Кога станува збор за големината, оваа варијанта на новиот Sportage е долга 4.600 милиметри, широка е 1.865 и висока 1.660 милиметри, додека меѓуоскиното растојание е 2.755 милиметри. Според Kia, овие пропорции, заедно со унапреденото пакување кое е овозможено од новата платформа, овозможуваат кросоверот да се пофали со најголемиот простор за главата, нозете и багажникот, кој има капацитет од 637 литри.

Кога станува збор за моторите, во опсегот ќе се најдат 1,6-литарскиот турбо бензинец со 179 КС и 265 Nm максимален вртежен момент, кој ќе доаѓа во комбинација со шестстепен мануелец или седумстепен автоматски менувач со двојна спојка.

Доколку сте фан на дизелот, тогаш новиот Sportage ќе биде достапен и со 2,0-литарски агрегат кој испорачува 185 КС и 417 Nm максимален вртежен момент, а овој мотор работи исклучиво со унапредениот осумстепен автоматик.

Европската верзија доаѓа подоцна

Во понудата е планирано да има и други бензински и дизел варијанти, заедно со хибридни и plug-in хибридни варијации кои ќе добијат E-Handling карактеристика. Од Kia велат дека ќе ги објават комплетните детали за целосната моторна постава како што ќе се наближува лансирањето на Sportage.

Kia Sportage

Со новата генерација ќе пристигне и Terrain Mode системот кој е сочинет од Drive, Comfort, Eco, Sport и Smart режими на возење кои овозможуваат возилото да се прилагоди на различните терени. Kia исто така додаде и нова електронска контрола на системот за потпирање со реална контрола на амортизерите која работи во хармонија со електронски контролираниот систем за погон на сите четири тркала, за оптимално испорачување на моќноста.

Купувачите ќе можат да избираат и меѓу голем број на тркала, почнувајќи од 17-инчни, па до 19-инчни, кои ќе бидат достапни во различни дизајни, бои и финиши. Во внатрешноста ќе се најдат два 12-инчни екрани, едниот наменет за целосно дигиталниот инструмент кластер, а другиот за инфозабавниот систем. Новиот Sportage добива и покомпактен shift-by-wire менувач, а може да се добие и со Harman Kardon аудио систем.

Новата генерација на Sportage ќе влезе во глобална продажба подоцна оваа година кога Kia исто така ќе ја претстави и европската варијанта на возилото.

Поврзани вести

Back to top button