fbpx

Лука де Мео официјално е нов извршен директор на Renault

Францускиот производител на автомобили Renault официјално го постави некогашниот извршен директор на Seat, Лука Де Мео, за нов шеф на компанијата

Лука Де Мео важеше за фаворит да го замени претходниот извршен директор на Renault, Тиери Болор, повеќе месеци, а неговото назначување беше одложено поради клаузулата за конкурентност кој го имаше со VW групацијата. Де Мео има забрана за откривање на било какви конкурентски информации во следните пет месеци и мора да го помине своето време дома пред официјално да започне со работа во Renault.

Досегашниот привремен извршен директор – Клотилд Делбос, ќе ја извршува својата функција се до 1 јули кога на чело на Renault ќе пристигне искусниот италијански менаџер. Но, со оглед на тоа дека Делбос добро се покажа на оваа функција, управниот одбор на францускиот бренд инсистираше таа да добие улога на заменик извршен директор.

Ангажирањето на Де Мео треба да биде потврдено на собранието на акционери во април, но не се очекува да има некакви посериозни проблеми околу целата процедура, туку станува збор само за протокол.

Лука де Мео пред Renault го водеше шпански Seat, како дел од VW групацијата. Италијанскиот менаџер успеа да донесе нова сила во брендот од Марторел, во близина на Барселона, пред се со тоа што успеа да пронајде и постави идентитет за Seat во рамките на целата групација. Паметното пласирање на новите модели со посебен акцент на младите потрошувачи ја доведе шпанската компанија до рекордни продажби во 2018 година, кога беа испорачани повеќе од половина милион возила.

Де Мео се враќа во Renault

Доаѓањето во Renault, всушност ќе претставува враќање за Де Мео бидејќи во француската компанија тој и ја започна својата кариера во автомобилската индустрија во далечната 1992 година. По Renault, тој замина да работи во Lexus и Toyota, по што преоѓа во FCA каде работеше за Alfa Romeo, Abarth и Fiat. Во Volkswagen групацијата преоѓа во 2009 година каде најпрво беше вработен во самиот Volkswagen, потоа во Audi, а славата ја стекна како шеф на Seat.

Француските медиуми во прв план го истакнуваат фактот дека Де Мео „ги разбира француската и јапонската култура“ и нивниот бизнис систем. Од искусниот оперативец се очекува пред се да ја стабилизира алијансата со Nissan, која е значително нарушена од скандалот со Карлос Гон.

Поврзани вести

Back to top button