Mercedes-AMG EQS пристигнува со над 600 КС
Mercedes допрва треба да ја претстави производствената верзија на својот електричен знаменосец, но веќе постојат шпекулации за AMG верзија на моделот EQS
Според најновите информации, високоперформансната верзија Mercedes-AMG EQS би требало да се најде наспроти Tesla Model S Plaid, со систем кој подразбира два електромотори и моќност доволно голема да се најде наспроти конвенционалниот AMG S63. Она што е интересно е дека за креацијата на електричниот спортски автомобил кој ќе биде поставен на новоразвиената EVA архитектура, исто така ќе бидат задолжени луѓето од Афалтербах, а би требало да биде со иста големина како и актуелниот CLS.
Додека се очекува Mercedes-Benz EQS 550 4Matic да биде во понудата со 470 КС и 760 Nm, Mercedes-AMG EQS би требало да испорачува преку 600 КС и 900 Nm, а моќноста би требало да се пренесува на ситеч четири тркала. Со оглед на тоа дека моќноста би била насочена на секое тркало посебно, спринтот од нула до „стотка“ е проектиран на помалку од четири секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.
Неговата голема литиум-јонска батерија од 100 kWh, спакувана во подот на возилото, според WLTP треба да испорачува автономија од 692 километри. Сепак, многу пореална би била вредноста од 515 километри. Благодарение на брзиот полнач од 350 kW, 80 проценти од батеријата ќе може да се наполни за 20 минути.
Меѓутоа, треба да се очекува да помине извесно време пред Mercedes да го лансира AMG EQS, бидејќи логиката налага дека следната генерација на S класата ќе пристиге прва кон крајот на годината, а потоа EQS. Тешко дека перформансниот, електричен агрегат ќе се појави на пазарот пред 2022 година. AMG EQS ќе ја поведе гамата на нови перформансни електрични автомобили кои практично ќе го сочинуваат одразот на традиционалното AMG портфолио, вклучително и EQE лимузината, па дури и EQG верзијата на веќе потврдената електрична G класа.