fbpx

Mercedes EQT концептот е најава за електричната T Класа

Mercedes ги објави првите детали за престојната и електрична T Класа со претставувањето на концептот EQT

Германскиот производител се пофали со концептот EQT кој претставува најава за новата T Класа на Mercedes опремена со EQ технологијата, како и со голема доза на луксуз со кои се одликуваат седаните и SUV моделите на марката. Престојната T Класа е патничка верзија на малото комбе на Mercedes кое ќе го замени актуелниот Citan на европскиот пазар, иако ова име ќе биде задржано за комерцијалните верзии на T Класата.

EQT

Исто како и претходно, новата T Класа ќе се базира на Renault Kangoo, но дизајнерскиот тим на Mercedes го опреми на свој начин, со висока доза на луксуз, со цел да ја нагласи својата карактеристичност. Чисто електричниот Mercedes EQT ќе треба да се приклучи и на конвенционалните верзии на новата T Класа.

Кога станува збор за изгледот на самиот концепт, стилското компактно комбе се одликува со препознатлив преден панел наместо решетка каде се наоѓаат голем број осветлени трикраки ѕвезди, остри фарови и илуминирана рамка на панелот кои не би требало да пристигнат на продукциската верзија. Истото важи и за 21-инчните тркала од лесна легура, а забележливо е дека на страните се наоѓаат затскриените рачки за предните и задните врати.

EQT

Премиерата ќе се одржи оваа година

Како и кај останатите EQ модели, така и овој модел се одликува со LED светлосна лента која ги спојува задните светла, а големата задна врата треба да овозможи полесно позиционирање на товарот во багажникот, додека задниот прозорец благодарение на својата големина ја унапредува видливоста кај возачот. Исто така, моделот добива и масивен панорамски сончев покрив. Благодарение на задните лизгачки врати поставени од двете страни, пристапот за патниците до третиот ред седишта е значително олеснет.

EQT

Mercedes EQT ќе може да собере до седум луѓе, благодарение на енговата должина од 4.945 милиметри, ширина од 1.863 и висина од 1.826 милиметри. Ентериерот е опремен со кожа, како и со најновиот MBUX инфозабавен систем, а тука се и сините акценти кои го нагласуваат електричниот карактер на возилото. Во случај да е потребен поголем простор, третиот ред седишта можат да се поклопат или да се отстранат во целост.

Техничките спецификации за електричното патничко комбе не се објавени, но веќе е познато дека продукцискиот EQT ќе биде опремен со Renault Kangoo E-Tech Electric погонот. Поради тоа, се очекува електромотор со моќност од 101 КС и 245 Nm вртежен момент, како и батерија со капацитет од 45 kWh со опсег на движење од 265 километри. Новите Citan и eCitan, односно новата T Класа и EQT ќе ја доживеат својата официјална премиера подоцна во текот на 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button