Mercedes најави ЕВ верзија на секој свој модел

Mercedes ги сподели своите планови за иднината, а брендот планира да стане целосно електричен на сите пазари кои ќе го овозможат тоа во блиска иднина

Германскиот производител ја претстави својата визија за електрична офанзива. Според најавите, Mercedes ќе стане целосно електричен бренд онаму каде што ќе има услови за тоа. Ова меѓу другото значи претставување на три нови платформи наменети исклучиво за електрични возила во 2025 година, кои ќе му овозможат на брендот да понуди целосно електрична верзија на секој нов автомобил во поставата.

„ЕВ транзицијата се забрзува, особено во луксузниот сегмент, каде што Mercedes-Benz припаѓа. Конечната цел се наближува и ние ќе бидеме подготвени како што пазарите ќе се преврлаат исклучиво на електрични автомобили до крајот на оваа деценија“, изјави Ола Калениус, извршен директор на Daimler и Mercedes-Benz.

Компанијата ќе намени вкупно 40 милијарди евра во периодот меѓу 2022 и 2030 година за инвестиции во истражување и развој на електрични автомобили. Mercedes очекува овие инвестиции да ја приближи конечната цел за усвојување на ЕВ поблиску.

Три нови платформи

Првата платформа е наречена MB.EA и е дизајнирана за патничките возила на Mercedes, а ќе ги покрие сите модели од средни до големи возила, откриваат од компанијата. Приспособлива и модуларна, таа ќе преставува ‘рбетот на идното ЕВ портфолио на компанијата.

Втората платформа ќе биде наменета за перформансните возила. AMG.EA платформата е наменета за перформансните електрични автомобили и е наменета за Mercedes-AMG клиентите, како што сугерира и самото име.

На крајот, тука е VAN.EA платформата која е наменета за комбиња и лесни комерцијални возила, а Mercedes очекува со истата да даде придонес за почисти градски средини во блиска иднина.

Покрај ова, Mercedes ги сподели своите планови за производство на електричен автомобил со реален опсег на движење од 1.000 километри и има за цел да достигне што е можно поголема ефикасност, односно помала „потрошувачка“ на kWh на 100 поминати километри. Тимот кој работи на овој проект вклучува експерти од Mercedes Performance Powetrain Division.

Со цел да успее да ја напојува својата ЕВ офанзива, Mercedes предвидува дека ќе му бидат потребни повеќе од 200 гигават часа батерии. Поради тоа, ќе изгради осум гигафабрики ширум светот со своите партнери, покрај деветте погони кои претходно ги пренамени за производство на батерии.

Компанијата вели дека веќе соработува со неколку партнери за следната генерација на батерии, а истражувањето и развојот на ќелии со повисока енергетска густина и цврсти батерии се веќе започнати. Поефикасните електрични погони исто така се на патот благодарение на купувањето на YASA.

На крајот, Mercedes вели дека ќе се задржи на своите планови за профит кои беа поставени во 2020 година и ќе ги задржи најголемиот дел од работниците. Пред да го направи сето ова, Mercedes најави дека ќе има по еден електричен автомобил во секој од своите сегменти до 2022 година.

 

Поврзани вести

Back to top button