fbpx

Mercedes премиерно ја претстави SUV верзијата на EQS

Минатата година Mercedes-Benz го претстави својот прв модерен ЕВ поставен на платформа посветена за електрични возила, моделот EQS, а сега пристигнува и неговата SUV верзија

По премиерата на импресивниот целосно електричен луксузен седан, германскиот производител Mercedes сега го претстави и новиот EQS SUV кој цели кон врвот на сегментот. Поставен на истата платформа како и седанот, EQS SUV нуди поголема пространост во ентериерот и конфигурација од седум седишта.

Стилската тематика на компанијата се прелева и кај новиот електричен SUV со аеродинамичен, опаѓачки преден дел кој овозможува силен прв впечаток. Новиот EQS SUV ќе се нуди во EQS 450, EQS 450 4Matic и EQS 580 варијанти кои ќе можат да поминат 600 километри со едно полнење. Кога станува збор за полнењето, од Mercedes истакнуваат дека истото од 10 до 80 проценти се врши за само 31 минута со брз полнач, а моделите имаат способност за полнење од 200 kW.

Базичниот EQS 450+ пристигнува со PSM електромотор на задната оска кој испорачува 360 КС и 568 Nm вртежен момент. По него следува EQS 450+ 4Matic со погон на сите четири тркала и истата моќност од 360 КС, но 800 Nm вртежен момент. На врвот се наоѓа EQS 580 4Matic со два PSM електромотори на двете оски и вкупна системска моќност од 544 КС и 858 Nm вртежен момент.

Исто како и кај EQS седанот, технологијата кај EQS SUV е врвот од она што може да го понуди автомобилската индустрија во моментов. Базичните модели пристигнуваат со 12,8-инчен инфозабавен екран и 12,3-инчен инструмент кластер, а тука се и панорамскиот сончев покрив, греење и вентилирање на седиштата, како и опцијата да се додаде трет ред седишта.

Врвна технологија

EQS 580, кој е на врвот на понудата, пристигнува со џиновскиот MBUX Hyperscreen со трите екрани под единствениот 56-инчен панел од закривено стакло. Купувачите кои ќе ја изберат опцијата за забава на задните седишта добиваат дополнителни импресивни карактеристики како што се двата 11,6-инчни екрани, заедно со централно позиционираниот таблет кој функционира како дополнителен контролер.

Новиот EQS SUV пристигнува стандардно со Airmatic воздушниот систем на потпирање и Adaptive Damping систем, Dynamic Select системот кој вклучува Comfort, Sport, Eco и Individual возачки режими, како и управувањето на задната оска од 10 степени. Кога станува збор за системите за асистенција на возачот, тука е Driver Assistance пакетот со Active Distance Assist Distronic адаптивниот темпомат, активно одржување на лентата и асистенција за слепа точка, активна старт/стоп асистенција, Active Steering асистенција, Active Brake асистенција со Cross-Traffic функција и PRE-SAD Plus кој вклучува PRE-SAFE Impulse.

Автомобилот може да зачува седум различни кориснички профили преку секенерот за отпечаток на централната конзола. Една од најимпресивните технолошки карактеристики на EQS SUV е тоа што ќе ги научи вашите преференци и ќе ве потсетува за некои работи без да му дадете команда. На пример, ако добивате телефонски повик од истото лице секој вторник на пат кон дома, системот ќе го научи тоа и ќе ве потсети пред да се случи.

Во продажба кон крајот на 2022

Со должина од 5.130 милиметри, ширина од 1.955 и висина од 1.727 милиметри, Mercedes EQS SUV е повисок и подолг во однос на главните ривали, па оттаму ќе понуди и поголем простор во внатрешноста. Опционалниот трет ред седишта е уште една карактеристика која ќе привлече внимание кај купувачите. Покрај ова, EQS SUV го споделува меѓуосовинското растојание со EQS седанот и истото изнесува 3.200 милиметри, но е за 198 милиметри повисок. Вториот ред седишта ќе можат електронски да се поместуваат нанапред и наназад до 127 милиметри, а како резултат на тоа, просторот за нозе во вториот ред ќе изнесува меѓу 838 и 956 милиметри.

Засега се уште не е позната цената за новиот Mercedes EQS SUV, истиот ќе се најде во продажба кон крајот на 2022 година.

Поврзани вести

Back to top button