MG Motors официјално започнува со продажба во Македонија
Оживеаниот автомобилски бренд MG Motors, по претходната потврда за својата застапеност во регионот, официјално започнува со продажба
![MG Motors](https://avtoplus.mk/wp-content/uploads/2022/09/viber_image_2022-09-23_13-07-54-055-1-780x470.jpg)
Она што се најави пред неколку месеци сега почнува да се остварува. Првите примероци од марката MG Motors веќе пристигнаа во Македонија, а неколку од нив се и веќе продадени. Со ова, официјално започнува продажбата на оваа „воскресната“ марка во рамките на комплексот на Ми-Да Гранд Моторс.
Главната цел на MG Motors во овој регион ќе биде да понуди квалитетни и атрактивни возила кои ќе ги задоволат апетитите на купувачите, а доказ за тоа се и новите модели кои се одликуваат со одлични погонски решенија, привлечен дизајн, а сето тоа проследено со електрификацијата која ќе им конкурира на традиционалните европски марки кои се застапени во нашата земја. Она што сигурно ќе биде еден од главните адути на MG е и гаранцијата од седум години која ќе им се нуди на купувачите.
Во согласност со трендовите кои владеат на европскиот и македонскиот пазар, првите модели кои се изложени во продажниот салон во рамките на Ми-Да се двата SUV автомобили MG ZS и MG EHS. Станува збор за мал компактен кросовер и класичен SUV со plug-in хибриден погон.
ZS и EHS
Помалиот од двата, MG ZS, достапен е со 1,0-литарскиот T-GDi турбо бензински агрегат кој испорачува 111 КС и 160 Nm, а купувачите можат да го изберат и 1,5-литарскиот атмосферец VTi-Teсh со 106 КС и 141 Nm. Првиот доаѓа со шестстепен мануелен или автоматски менувач, додека вториот е достапен со петстепен мануелец. Багажниот капацитет од 448 литри би требало да ги задоволи потребите на едно просечно семејство, а купувачите ќе можат да изберат меѓу Excite, Exclusive и Luxury нивоа на опременост, каде што основниот има почетна цена од 19.400 евра и притоа голем број на додатоци кои пристигнуваат како стандард, како што се LED дневни светла, асистенција за стартување на нагорнина, кожен управувач, паркинг сензори…
Од друга страна, MG EHS е SUV кој доаѓа со plug-in хибриден погон кој комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец со електромотор и батерија со капацитет од 16.6 kWh, за вкупна системска моќност од 255 КС и автономија за возење на струја од нешто над 50 километри.
Наскоро на пазарот треба да се појават и целосно електричните модели, а сето ова, во комбинација со одличните цени би требало да го направат MG мошне интересен за македонскиот пазар.