Минхен: Деби за Mercedes EQE
Пред самиот почеток на Салонот во Минхен, Mercedes го претстави својот најнов електричен седан во својата понуда, моделот EQE
Новиот Mercedes-Benz EQE со својот дизајн и изглед потсетува на помала верзија на EQS, а целта на германската компанија е EQE да биде нивниот адут во битката со голем број етаблирани електрични играчи, пред се Tesla Model S и престојниот Audi A6 e-Tron. Иако пристигнува речиси една деценија по Tesla, EQS седанот сепак ќе донесе нешто ново на пазарот и ќе нуди повеќе во однос на своите ривали во сегментот.
Со својот нагласен купе дизајн, за разлика од конвенционалната Е-Класа, EQE седанот споделува голем број визуелни елементи со поголемиот EQS. На задниот дел се наоѓаат LED светлата кои се протегаат по целата ширина на возилото. На предниот дел наместо традиционалната решетка се наоѓа црн панел со логото на Mercedes и шема на дијамантска ѕвезда, позади кој се наоѓаат голем број сензори и камери.
Дизајнерски, EQE тешко би се разликувал со EQS на прв поглед. Но, сепак, со должина од 4.934 милиметри, EQE е значително помал од својот поголем „брат“ кој има 5.265 милиметри должина, иако меѓуосовинското растојание не е толку различно.
Иако Mercedes претстави само една верзија на EQE седанот, EQE 350, опционалното AMG Line ниво на опременост носи поинакви браници и поголеми тркала, како и спортски седишта. Вештачката кожа се користи екстензивно во кабината, а остојат и неколку опции од дрвен трим. Тука е и Energizing Comfort исто така, кој е релаксацискиот пакет на Mercedes кој вклучува масажерски седишта за патниците.
Ентериер кој се одликува со напредна и висока технологија
Во ентериерот доминира опционалниот MBUX Hyperscreen кој дебитираше кај EQS. Стаклениот панел комбинира три посебни екрани во една претопувачка единица, протегајќи се низ целата ширина на контролната табла. Технологијата е применета и кај биометриската автентикација и навигацијата со проширена реалност.
EQE седанот е достапен со адаптивен воздушен систем на потпирање и управување на четирите тркала, како што е случајот и кај EQS седанот. Сепак, ништо од ова не пристигнува како стандарден дел од опремата – стандардните модели вклучуваат челични опруги и конвенционално управување.
Под предниот панел, бидејќи класична хауба која ќе се отвара не постои, EQE седанот има 90,6 kWh батерија, погон на задните тркала и електромотор кој испорачува 292 КС и 530 Nm вртежен момент. 4Matic опцијата, која додава уште еден електромотор на предната оска, ќе биде додадена како опција подоцна.
Според податоците на Mercedes, новиот EQE ќе има опсег на движење од 660 километри според WLTP циклусот, а времето на полнење ќе изнесува 31 минута на брз полнач за 10 до 80 проценти. Производството ќе започне кон средината на 2022 во фабриката на Mercedes во Бремен.