Nissan Ariya добива освежување за 2026
Освежената Nissan Ariya за 2026 добива нов дизајн, Google инфотејнмент, подобрена удобност и Nismo верзија

Електричниот кросовер Ariya и понатаму има голема важност на глобално ниво за Nissan. Со оглед на тоа, Nissan официјално ја претстави освежената верзија на Ariya за 2026 година во Јапонија, со суптилни, но значајни подобрувања во дизајнот, технологијата и комфорот при возење.
Јапонскиот производител гледа иднина и потенцијалч за Ariya на глобалниот пазар, со постепено проширување на освежениот модел и во останатите земји во текот на следните месеци.

Почист преден дел и нови визуелни детали
Најзабележливата промена кај моделот за 2026 година е редизајнираниот преден дел. Nissan се одлучи за поедноставен, „затворен“ изглед без класична маска, со нов браник и понагласени LED светлосни елементи кои му даваат поостар и помодерен карактер. Профилот и задниот дел остануваат речиси непроменети, што значи дека Ariya и понатаму ја задржува својата препознатлива силуета.
Новитет се и 20-инчните тркала, изработени од комбинација на алуминиум и смола, како и новата боја Hisuinohikari, која комбинира интензивна зелена каросерија со контрастни црни детали на кровот и долните панели.

Кабина со Google технологија и повеќе практичност
Во внатрешноста нема драстични промени во распоредот, но технолошкиот напредок е очигледен. Системот NissanConnect сега работи на Google софтверска платформа, што овозможува нови функции како навигациско поврзување со управувањето на батеријата и интелигентна контрола на дистанца при возење.
Материјалите исто така се освежени, со нова кожна опција во суптилна зелена нијанса, комбинирана со светлосиви детали за поелегантна атмосфера. Практичноста е дополнително подобрена со надграден надворешен приклучок за струја, кој сега може да испорачува до 1.500 W, дури и кога возилото е заклучено.

Непроменета техника, но порафинирана суспензија
Механички, Ariya останува верна на проверената формула. Достапни се батериите со капацитет од 66 kWh и 91 kWh, во комбинација со преден погон или e-4ORCE погон на сите тркала со два електромотори. Nissan наведува дека суспензијата е специјално доработена за јапонските патишта, со фокус на поголем комфор и помирно возење.
Ова значи дека, и без промени во погонските системи, освежениот Ariya треба да понуди порафинирано искуство зад воланот, особено при секојдневна употреба.

Ariya Nismo се враќа, но без визуелни измени
Спортската верзија Ariya Nismo останува дел од понудата, но без нови стилски елементи. Таа го задржува постојниот агресивен аеродинамичен пакет и специјално подесениот e-4ORCE погон. Единствените новини се воведувањето на Google-инфо-забавниот систем, надградениот приклучок за надворешно напојување и интелигентната контрола на дистанца.
Цените во Јапонија започнуваат од околу 6,67 милиони јени за основната верзија со помала батерија и преден погон, додека најскапата варијанта со погон на сите тркала достигнува нешто над 8 милиони јени. Цената за Ariya Nismo ќе биде објавена дополнително.



















