fbpx

Nissan го напушти рускиот пазар, ја продаде фабриката за 1 евро

Nissan првично го прекина производството на автомобили во Русија во март, но производителот сега одлучи целосно да излезе од рускиот пазар

Nissan официјално го објави своето излегување од рускиот пазар, продавајќи ги сите свои локални капацитети и операции на NAMI, рускиот Централен институт за истражување и развој за автомобили и мотори. Јапонскиот производител на автомобили ќе изгуби 100 милијарди јени (687 милиони евра) од продажбата, но го задржува правото да го откупи ентитетот и работењето во следните шест години.

Минатиот април, по руската воена интервенција во Украина, Nissan го прекина производството во својата фабрика во Санкт Петербург како и многу други производители на автомобили кои беа погодени од санкциите. Со тековната војна и без знаци за решение на конфликтот, Nissan ја донесе конечната одлука да излезе од рускиот пазар.

Според договорот кој ќе биде официјализиран во наредните недели, Nissan ќе ги пренесе сите свои руски капацитети на NAMI, која ќе ги користи за „идни проекти за патнички возила“ кои работат под ново име. Продажбата го вклучува правното лице Nissan Manufacturing Russia LLC (NMGR), производствените и капацитетите за истражување и развој во Санкт Петербург и центарот за продажба и маркетинг во Москва.

Работниците се заштитени

Nissan соопшти дека сите негови работници ќе добијат заштита за вработување во следните 12 месеци, по продажбата на NAMI. Инаку, руската фабрика беше дом на производство на Qashqai, X-Trail, Murano и Terrano, со капацитет од 100.000 возила годишно. Макото Учида, претседател и извршен директор на Nissan, истакна: „Во името на Nissan, им благодарам на нашите руски колеги за нивниот придонес во бизнисот во текот на многу години. Иако не можеме да продолжиме да работиме на пазарот, го најдовме најдоброто можно решение за поддршка на нашите луѓе“.

Reuters известува дека продажбата на рускиот бизнис на Niѕsan чинела 1 евро, што ја објаснува официјално објавената загуба од приближно 100 милијарди јени (687 милиони евра) за производителот на автомобили. Сепак, Nissan е позитивен дека ќе ги задржи насоките за цела година, објавувајќи ги деталните ефекти од трансферот во ноември 2022 година како дел од резултатите од вториот квартал. Од избувнувањето на војната, многу производители на автомобили ги затворија своите операции во Русија, иако во повеќето случаи продажбата е реверзибилна.

Поврзани вести

Back to top button